РСЕ: Цаца Николовска – Создавање независно судство не е невозможна мисија

Сподели

Мисијата за создавање на независно судство во земјата не е невозможна, прашање е само на начин како ќе се изведе, вели Маргарита Цаца Николовска, потпретседателка на Врховниот суд на БиХ и поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, во интервју за Радио Слободна Европа.

Таа истакнува дека потребно е обемно преоценување на работата на судиите, на обвинителите, па дури и на некои адвокати.

Во однос на насилството во Собранието, според Николовска Обвинителството не треба да оди на благото заклучување дека станува збор за учество во толпа, бидејќи сите тие што влегоа во Собранието, учествувале во толпа, но друга е намерата.

„Сигурно дека намерата не била само да влезат и да покажат дека влегле. Самото упатување и самото водење во прес-центарот и она што се слуша во меѓусебните разговори, укажува дека има одредени елементи на други кривични дела. Во исто време само би посочила дека и организаторите треба да бидат ставени под лупа и тие треба исто така да бидат третирани од страна на обвинителството, затоа што сигурно дека ова не е нешто спонтано“, изјави Цаца Николовска.

На прашањето како може СЈО да ја продолжи својата работа со расчистување на скандалот со прислушувањето, таа вели опструкциите кои и биле вршени на институцијата и траењето на истите треба да се користат како аргумент за продолжување на рокот од 18 месеци.

– Доколку тоа не се стори, тоа би била огромна дамка на оние коишто ќе гласаат против тоа, во насока да не се сака криминалот да се гони и да се оневозможи тоа. Можна е и онаа опција, најлошата, доколку ќе се утврди дека престанал мандатот на Специјално јавно обвинителство во оваа насока, тогаш тие предмети да се преземат од редовното обвинителство и тоа да продолжи да ја води истрагата таа насока – Цаца Николовска.