Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Сарацин: Македонскиот јазик и идентитет со предлогот се сочувани

Сподели:

 

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет со францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, се сочувани, смета германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

„Можам да разберам дека има и критика за овој предлог, дека е тешко, разбирам дека постои грижа дека сопствениот идентитет и јазик ќе бидат доведени во прашања, но можам да кажам дека националниот идентитет, македонскиот јазик и македонскиот идентитет несомнено се јасни, но и со овој предлог што го има се сочувани. Истовремено имам чувство дека нема многу време за да се добијат и други работи, сега е дојден моментот“, рече Сарацин на заедничка прес-конференција во Скопје со вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Целата сојузна влада на Германија и јас лично, порача тој, се залагаме европската перспектива на Западен Балкан активно да живее. Северна Македонија, според него, во следните денови би можела да даде значаен придонес за целата оваа перспектива да заживее со прифаќање на предлогот.

„Кога видов што стои во последниот документ, како што јас го читам, тој е навистина компромис и уште еднаш тука се земени предвид барањата на владата на Северна Македонија и мислам дека тоа е знак дека Европа може да функционира тука. Еден компромис никогаш не е перфектен, мислам дека сите страни гледаат на тоа така, но овој предлог предвидува процесот на пристапни преговори да започне веднаш по прифаќањето на овој договор без понатамошни одолговлекувања и без можности за блокади. Северна Македонија може конечно да ги започне пристапните преговори за кои се работеше тука 17 години“ рече Сарацин.

На прашање дали верува дека со овој предлог, Бугарија нема да го злоупотреби процесот на преговори за повторно да ја малтретира земјава за билатерални прашања, Сарацин рече дека Германија и ЕУ ќе направат сè за патот на Северна Македонија да биде отворен.

„Сè што може да се реши, сега треба да се направи за да се обезбедите за поопасни времиња. Не сум убеден дека сега долгото чекање е паметно бидејќи светот е таков што утре може се да биде многу поинаку и да се затвори тој процес. Значи, да се средат работите, да се однесат на безбедно – кога врне, нештото да го однесете на безбедно. Можам да кажам дека Германија и ЕУ ќе направат сè за да гарантираат дека патот на Северна Македонија во ЕУ да биде отворен во постапката што доаѓа. Но, без постапка овој пат не е отворен“ рече Сарацин.

Сподели: