Се одржа првиот Конгрес на Движење ЗНАМ – ЗА НАША МАКЕДОНИЈА

Сподели

 

Делегатите на Првиот Конгрес на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, оджан на 22 февруари 2024 година, за претсседател на Движењето го избраа Максим Димитриевски, кој беше избран и за кандидат на Движењето за Претседател на Македонија на претстојните Претседателски избори. На Конгресот беа избрани Централен и Надзорен одбор.
 
Претседателот на Движењето и кандидат за Претседател на државата Максим Димитриевски заблагодарувајќи се’ на укажаната доверба рече:
„ Движењето ЗНАМ за Наша Македонија својата сила и визија ја црпи од минатото и наследството од генерациите кои се вложиле во создавањето на националната држава на македонскиот народ и сите граѓани што живеат во неа. За нас принципите на кои е поставена Македонија се нешто за кое нема разговори и преговори и секое отстапување значи изневерување на претците кои се вградиле во основата на Македонија. Искрено се надевам, но и длабоко во себе сум убеден, дека граѓаните на Македонија ќе ја препознаат различноста што доаѓа со нас и истата ќе ја поддржат давајќи го својот глас за нас на претстојните претседателски и парламентарни избори“.
 
Тој потенцира дека крајно време e да се случат суштински и коренити промени на политичката сцена во Македонија и продолжи: „Оние кои триесет години се менуваат и ветуваат кули и градови, а остваруваат само придобивки за себе и своите фамилии, конечно треба да си заминат. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со нивните сателити покажаа и докажаа со своето дејствување дека се исти. Интересите на граѓаните и државата, не им се приоритет. Нивните интереси се лични, а по потреба и заеднички. Овде не смееме да го заборавиме вечниот ДУИ кој владее над 20 години, за кого не важи закон, ниту правило и истите можат се. Нивната аздисаност од власт е само потврда на тезата дека денес живееме во узурпирана држава, која се владее од лукративни цели и коалициони владини партнери. Живееме во општество без еднакви права и можности за сите граѓани“.
 
Димитриевски се задржа и на остварувањето на пристапот кон Европската Унија како долгорочна цел, при што нагласи дека:
 
„Нашата стратешка цел, интеграцијата во Европската унија ќе биде многу полесно остварлива, доколку имаме држава со силна економија, институции од доверба, владеење на правото, почитување на човековите права, здравство за сите и правилно образование. Всушност, ако сето ова го имаме во државата, тогаш во суштина ние ќе ја имаме ЕУ дома. Ќе ги имаме истите вредности, права, заштита, сигурност и благосостојба за граѓаните во секојдневниот живот, како и граѓаните во ЕУ. Таква држава може да биде достоен партнер во односите со соседите, со државите од регионот, како и пошироката меѓународна заедница. Македонија треба да биде посакувана во секое друштво“.
 
„Доколку бидам избран за Пртседател на Македонија, рече тој, – ќе се заложам да се одредат границите, црвените линии во однос на националните интереси од кои нема отстапување. Од особена важност ќе биде претставувањето на тие определби пред нашите пријатели, стратешките партнери и меѓународните институции за да ја добиеме потребната поддршка и да продолжиме по патот на интеграциите кои се од наш интерес. Со мудра политика, со зајакната отворена соработка со соседите и државите во регионот ќе создадаваме услови за подобра безбедносна, политичка и социо-економска клима во нашите држави. Истовремено ќе создаваме и ќе ги одржуваме добрите односи и пријателствата со нашите стратешки партнери. Ќе ги развиваме односите и со останатите држави со кои ќе имаме заеднички интереси и блискост во политичките ставови за важните меѓународни политички и економски прашања“.
 
Претседателот Максим Димитиревски нагласи дека никој од надвор не може да ги промени работите во позитивна насока. Затоа е потребно, рече тој, тука, сами да се обединиме, да ги засукаме ракавите и да го сработиме она што е неопходно.
 
Димитиревски рече дека како Претседател и Врховен командант на Армијата ќе се заложи за унапредување на условите во кои работат припадниците на Армијата, поголем буџет и департизација, професионално обучен кадар, зголемување на борбената готовност. Тој нагласи дека Македонија мора да има мала, мобилна, секогаш подготвена Армија која ќе го гарантира нејзиниот територијален интегритет и суверенитет и навреме ќе ги превенира сите безбедносни закани кон државата и нашите граѓани.
„Ја користам оваа прилика, – потнцираше Димитриевски, – да истакнам дека досега припадниците на Армијата се покажаа како најдобри чувари на нашиот мир, заштитници на безбедноста на земјата и на нашите граници. Воедно, сакам да оддадам признание на сите бранители и припадници на безбедносните служби кои дадоа жртви и придонесоа за нашата безбедност и сигурност и јавно да им се заблагодарам.
 
Димитиревски рече дека времето на заробена, приватна држава во која правдата е селективна, по изборите ќе биде минато.
 
„Промените кои ги заговараме, додаде тој, – може да се остварат доколку во политиката се присутни лидери кои имаат квалитет, карактер и интегритет. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, како политички субјект и јас како негов претседател и кандидат за Претседател на државата тоа ќе го понудиме и реализираме.
 
Заклучувајќи го говорот пред делгатите на првиот Конгрес на Движењето претседателот Максим Димитриевски рече:
 
„Верувам дека македонското сонце ќе грее и нашата татковина ќе цвета, а младите ќе останат овде да ја развиват, да водат чесен и морален живот и да ја почитуваат, чуваат и пренесуваат традицијата и вредностите што ни ги оставиле нашите предци. Младите мора да бидат основниот столб во реонструкцијата и изградбата на модерна Македонија.
 
Ова е моја, твоја и наша борба во која мора да се вклучиме сите.
Ве повикувам да се придружите и охрабрите, да се одважите, да застанете рамо до рамо заедно со нас во движењето ЗНАМ, да направиме сенародно движење кое што ќе ги промени состојбите и никогаш повеќе во Македонија нема да биде исто“.