Вести Македонија Ударни вести

„Северна Македонија“ во употреба од 15. февруари

Сподели:

Новото име на државата, „Република Северна Македонија“, во официјална употреба најверојатно ќе влезе на 15 февруари. Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски за „Мета“ потврди дека одлуките кои произлегуваат од Преспанскиот договор ќе стапат во сила 7 дена откако Грција ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, а Грција, пак, најверојатно ќе го ратификува протоколот на 8 февруари.

„Во симболичен гест, грчката влада најверојатно ќе биде првата земја која ќе го ратификува Протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО, бидејќи цели тоа да го стори до 8 февруари, тврдат извори блиски до темата“, објави вчера „Еуроактив“.

Владата на вчерашната седница формирала меѓуресорско тело за имплементација на обврските од Преспанскиот договор.

„Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот Договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила 7 дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите“, соопшти Владата.

Според Владата, во предвидениот рок ќе треба да се изврши промена на таблите на граничните премини, на дипломатско-конзуларните претставништва и на влезовите на сите државни институции, јавни претпријатија и претпријатија во државна сопственост

– Се разбира, тоа нема да се случи преку ноќ, но ќе почне да се спроведува во предвидениот рок – појаснува Бошњаковски.

Истата постапка Владата ќе им препорача да ја спроведат и единиците на локална самоуправа, а секторите и службите за односи со јавноста на државните и јавните институции „добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани“.

Од 8 февруари, односно од грчката ратификација на Протоколот за пристап во НАТО, почнува да течат и петгодишните рокови за впишување на „Северна Македонија“ во сите официјални документи, вклучувајќи ги и пасошите и личните карти. Документи со новото име, Преспанскиот договор, ќе се издаваат при редовна замена на важечките, но најдоцна во рок од пет години од стапување на сила на спогодбата.

Сподели: