Вести Македонија Ударни вести

Шахпаска: Жената има право самата да одлучува за сопственото тело

Сподели:

 

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска се обрати  на „Generation Equality Forum “, кој се одржа онлајн оваа година со седиште во Мексико Сити од  29-31 март, во  организација на  UN Women и владите на Франција и Мексико.

„Женското здравје, правата, можностите и пристапот до  здравствена заштита на жените се во фокусот на сексуалните и репродуктивни права. Со последните измени на Законот за прекин на бременост  жената има право на репродуктивна слобода, самата да одлучува за сопственото тело, дали, кога и колку деца ќе роди,“ истакна министерката Шахпаска во своето обраќање.

Концептот на Владата „Едно општество за сите“ подразбира дека жените и мажите треба да имаат еднакво право, на човечки, социјален, економски и културен развој. Ова  е концепт кој доследно се имплементира изминатиот период и не прави лидери во регионот.

„Здравствениот систем е должен да одговори соодветно, квалитетно согласно најсовремените стандарди на медицината базирана на докази.  Оттука, со воведувањето на медикаментозен абортус во чекор сме со европските практики и протоколи,“ посочи Шахпаска.
 
Министерката зборуваше за превентивните програми со кои се овозможува рано откривање на промените на репродуктивните органи кај жените, рана дијагностика и висок процент на успешно лекување. Тоа  генерира и заштеда на сериозни финансиски средства, затоа што жените после успешно лечење се враќаат на пазарот на трудот.
 
„Воведени се нови терапии за рак на дојка и секоја жена има навремен пристап до нив. Обезбедени се и бесплатни ортопедски градници за оперираните жени. Воведена е и најнапредна технологија за скрининг на рак на дојка во рана фаза, со точна и прецизна дијагностика што е од клучна важност за понатамошниот третман на пациентките,“ истакна министерката. 
 
Во поглед на образованието, министерката информираше дека е  подготвен тригодишен Акциски план за пилотирање на сеопфатно сексуално образование.

„Министерството за труд и социјална политика работи на изготвување на новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година. Работната верзија на новиот закон за родова еднаквост е готова, по што ќе отвориме широка дебата во општеството, со единствена цел воспоставување на ефикасен систем на родова еднаквост,“ додаде Шахпаска.

Форумот во Мексико е главна, глобална пресвртна точка за родовата еднаквост. Тој претставува значаен напор за обединување на владите, корпорациите и креаторите на промени од целиот свет за да ги дефинираат и најават нивните амбициозни инвестиции и политики.

Овој форум претставува и вовед во главниот настан кој ќе се случува во Париз од 30 јуни до 2 јули 2021 година, на највисоко ниво.

Сподели: