“ШАМАРИТЕ” ЗА ЖЕРНОВСКИ ВЛЕГОА ВО СЈО

Сподели

zernovski-1

Од Специјалното јавно обвинителство вчера соопштија дека во периодот што следи обвинителството ќе го посетат многу лица, кои со своите искази ќе помогнат во разјазнување на околностите во постапките отворени овој период од страна на СЈО. Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Но, заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат, вели Јанева.

Денеска, СЈО отвара нов предмет поврзан со демолирањето на бараките на Општина Центар и за нарачка за физичка пресметка со градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска точно напладне се појави во Специјалното јавно обвинителство. Тој денеска треба да даде исказ во врска со, како што информираа од општината, случајот со нарачаните шамари и демолирањето на општинските простории во 2013 година.

Жерновски пред да влезе во зграда на СЈО не даде изјава за медиумите, но како што е најавено тоа ќе го стори по завршувањето на сведочењето пред обвинителите на СЈО.

Како што можеше да се слушне од таканаречените бомби на опозицијата, тогашниот премиер и лидер на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески разговара за ситуацијата во Општина Центар и како да се справат со Жерновски. Освен физички напад врз Жерновски, во разговорот, според бомбите на СДСМ може и да се слушне како Груевски и Јанакиески ги договараат протестите.

 

Демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива Веритас насилно протестираа, неколку денови, почнувајќи од 07 јуни 2013 година пред Општина Центар. Полицијата се обидуваше да ги спречи демонстрантите насилно да влезат во бараките на Општината. Тие протестираа поради, како што соопштија тогаш, намерата на градоначалникот на Општина Центар со измените на новиот детален урбанистички план да ја урне црквата Свети Константин и Елена. Жерновски претходно изјави дека и да се донесе нов план, црквата нема да се урива.