Вести Македонија

„Шарената револуција“: Вечерва не доаѓајте со деца и со миленици и не консумирајте алкохол

Сподели:

proestiram-preporaki-860x680

Активистите на „Шарената револуција“ во пресрет на денешниот, како што го најавија, масовен протест, на својата страница на „Фејсбук“ споделија неколку совети кои на демонстрантите можат да им бидат корисни.

„Не доаѓајте со деца, миленици и со велосипеди на протест, со бојата не целете кон полицијата, не консумирајте алкохол и други психотропни супстанци, не предизвикувајте насилство и не подлегнувајте на провокации, снимете полициско насилство, при пробивање кордони ненасилно туркаме напред“, се дел од советите на „Шарената револуција“.

На плакатот пишува, на пример, и дека во случај на стампедо, „граѓаните треба да бегаат странично и на отворено, да не се затвораат во мали и тесни улички и во влезови“. Исто така, пишува дека ако граѓаните слушнат експлозија, тоа „најверојатно ќе биде солзавец и да бегаат во спротивна насока од експлозијата“.

„Во случај да сте во близина на солзавецот, на марама треба да ставите млеко или сода бикарбона, која треба да ја нанесете на марама и да ги покриете носот и устата“, стои меѓу другите препораки на активистите.

Протестот насловен како „Граѓаните ја земаат правдата во свои раце“ ќе почне денеска во 19 часот, пред Специјалното јавно обвинителство.

„Вечерва, во 19 часот, ќе се собереме пред нашата тврдина, симболот на правдата – Специјалното јавно обвинителство! Ќе бидеме здружени, силни, одлучни и одговорни!
Бараме граѓаните да бидат дел од решението на кризата и доаѓаме за да го осигуриме нашето учество! Бараме криминалците да одговараат и ќе ги притиснеме институциите да покажат дека крадењето и угнетувањето не смеат да бидат исплатливи дејности! Бараме преодна влада и не отстапуваме додека не се осигуриме дека таа влада ќе обезбеди слободни избори и слободно гласање“, пишува во најавата за протестот.

http://meta.mk/sharenata-revolutsija-vecherva-ne-doagajte-so-detsa-i-so-milenitsi-i-ne-konsumirajte-alkohol/

Сподели: