Вести Изјави Македонија

ШИЛЕГОВ: ПРОГРАМАТА ЗА РАБОТА НА „ЛАЈКА“ Е ВО ИНТЕРЕС И НА ЖИВОТНИТЕ И НА ЖИТЕЛИТЕ НА СКОПЈЕ

На вчерашната јавна дебата за Програмата за работа на ЈП „Лајка“ во салата на Советот на Град Скопје присуствуваа голем број активисти од здруженијата за згрижување на улични животни, стручни лица од областа на ветеринарната медицина и претставници на Град Скопје и ЈП „Лајка“.

За концептот и целите на работата на ова јавно претпријатие и за сите дилеми кои се отворија во јавноста во изминативе денови, пред присутните зборуваше градоначалникот Петре Шилегов.
– На последната седница на Советот на Град Скопје ја усвоивме Програмата
за работата на ЈП „Лајка“.
Во изработката на овие два документа е вложено
исклучително многу труд со цел новото јавно претпријатие веќе по првата година од своето активно работење да почне да дава видливи резултати – видливо намален број на кучиња на улиците, намален број на каснувања од улични кучиња, но и намален број на неодговорни сопственици, спречување на потенцијално труење на уличните кучиња и слично.
Овој процес паралелно се одвиваше со изградбата на целосно нов стационар со значително подобрени услови за чување
на заловените кучиња.

 

Можам да кажам дека сум првиот градоначалник на Скопје кој му пристапил сериозно и одговорно на овој проблем, што води до некакво оптимално решение.
Под тоа, јас лично подразбирам уличните кучиња да бидат сведени на прифатлив минимум кој ќе значи незначителен број на каснувања од улични кучиња во годината. Но, тоа значи и воспоставување системско решение што нема да подразбира убивање на кучињата, а истовремено ќе биде долгорочно и одржливо решение за градот.
Ова прашање природно предизвикува дебата во
јавноста и остава простор за многу недоречености кои сакам токму сега да ги расчистиме со цел да си помогнеме едни на други и да си ја завршиме сите својата работа за што впрочем имаме обврска и кон граѓаните, но и кон животните, без разлика дали сме дел од институциите или дел од невладиниот сектор во делот на заштитата на животните – рече вчеравечер Шилегов.
Од пријавените говорници за дебата прва зборуваше Радмила Пешева од
здружението „Анима Мунди“. Таа рече дека ова здружение инсистира фокус на програмата за работа на „Лајка“ да биде „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“,
како економски исплатлива хумана програма која дава резултати.

Таа побара поголемо граѓанско учество во работата на стационарот „Вардариште“.

Според Љупка Аврамовиќ, член на управниот одбор на „Лајка“ и еден од
основачите на Асоцијацијата на активисти за правата на животните, пак, целта на сите присутни на дебатата е благосостојбата на животните.
Таа се заблагодари што по 12 години институциите ги вклучуваат граѓанските здруженија во оваа проблематика и дека има простор за унапредување на работењето на „Лајка“.
Јована Трајковска од „Анима Мунди“ се осврна на болеста лишманија кај кучињата и можностите за пренесување и третман на ова заболување.
Во салата на Советот на Град Скопје вчера се разви плодна дискусија за
благосостојба на бездомните животни во која дебатираа професори од Факултетот за ветеринарна медицина, ветеринари и други стручни лица, како и активисти од здруженијата.

 

Сподели: