Вести Македонија Ударни вести

ШИЛЕГОВ: Субвенции за ин-витро оплодување

Сподели:

 

Денес, градоначалникот Шилегов одржа онлајн состанок со претставници на Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ на кој се разговараше за потребите и предизвиците на паровите кои се соочуваат со неплодност. Тој во својата програма за наредните 4 години веќе вклучи субвенции за млади брачни парови кои имаат желба за потомство преку ин-витро.

„За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град“, кажа Шилегов на почетокот од состанокот.

 

„Имајќи ги предвид укажувањата од здружението за финансиското оптоварување на паровите кои поминуваат низ БПО (ИВФ) процедурите и заложбите за поддршка на овие корисници, јас како градоначалник знаејќи ги реалните потреби, истите ги инкорпорирав во мојата програма. Свесен сум и информиран што се вклучува постапката на ИВФ, каков психолошки притисок се предизвикува кај паровите во нивните напори да формираат семејство и затоа се заложувам да ги поддржиме нашите граѓани преку бесплатен четврти обид или покривање на дополнителната терапија која не е дел од поволностите на ФЗО“, истакна Шилегов во разговор со претставниците на здружението.

На состанокот се разговараше и за потребата од отворање на Центар за поддршка на паровите кои поминуваат низ ИВФ постапка преку што ќе се овозможи психолошка поддршка, семејно советување и стручно медицинска поддршка преку стручни лица од секој сегмент на ИВФ.

„Се очекува оваа соработка да продолжи со цел заедно да создадеме полесни услови за нашите сограѓани во реализација на посакуваното родителство. Оваа активност во делот на здравствената заштита е предизвик и за локалната самоуправа бидејќи проблемите на нашите сограѓани се и проблеми на институцијата која најдиректно се поврзува со потребите на жителите. Моја обврска како градоначалник е да се грижам и за здравствените потреби на граѓаните и така ќе продолжам и во иднина“, истакна Шилегов на состанокот.

Од Здружението изразија благодарност до градоначалникот за отворениот пристап и слухот за потребите на пациентите кои поминуваат низ ИВФ и очекуваат нивните барања да бидат реализирани.

„Нашите заложби за ИВФ поволности и проширување на субвенциите за ИВФ конечно некој ги слушна. Разговаравме за што побрза реализација на нашите барања, финансиските поволности и отворање на центар за поддршка. Ова е многу важно за посреќни семејства и нови родители. Да се има можност секој пар и поединец да се оствари како родител по полесен и финансиски достапен пат. Од прашањето за наталитетот не смее да се бега, не смее да им се затвора вратата на луѓето кои имаат желба да станат родители. Сметаме дека треба да се изнајде решение за нас пациентите кој сме со ин-витро. Да ни се помогне и олесни патот кој го чекориме, патот до единствената наша цел: Да се оствариме и бидеме родители“, кажа Зоја Самандова Петрушева, претседателка и основач на Здружение за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување – До бебе по патот на ИВФ Скопје.

СДСМ, Петре Шилегов, Локални избори 2021

Сподели: