ШК Алкалоид со силен состав ќе атакува на нова титула европски клупски шампион

Сподели

Откако доминираше во домашното првенство и ја освои вкупно 26-тата титула, ШК Алкалоид го насочи својот фокус кон Европскиот клупски куп, односно кон највисокото натпреварување за шаховските клубови според рангот.

Оваа година ЕКК ќе се одржи во периодот од 19 до 27 октомври во Врњачка Бања, Србија. ШК Алкалоид како европски клупски првак од 2016 и како вицешампион од 2017 година и оваа година ќе настапи со големи амбиции. За ШК Алкалоид ќе играат ВМ Еригаиси Арјун, ВМ Аравиндх Читхамбарам и Нараианан С Л од Индија, заедно со ВМ Веи Ји и ВМ Ју Јангји од Кина, со ВМ Инџиќ Александар и ВМ Ивиќ Велимир од Србија, како и со ИМ Филип Панчевски од Македонија. Капитен на екипата ќе биде искусниот македонски велемајстор Влатко Богдановски. На моменталниот стартен ранкинг ШК Алкалоид се наоѓа на второто место од вкупно пријавени 84 екипи.

Им посакуваме спортска среќа на нашите шахисти на новиот интернационален настап и успех во борбата за нов шампионски трофеј во најелитното клупско шаховско натпреварување!