Сиљановска-Давкова: Состојбата во којашто се наоѓаме e стабилна и безбедна

Сподели:

Вчера во Кабинетот на Претседателката се одржа третата седница на Советот за безбедност.

На седницата со којашто претседаваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваа сите членови на Советот за безбедност: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; преку видео-врска Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија; (по функција), како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов, (именувани од претседателката).

На седницата беа поканети и: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Седницата се фокусираше на безбедносната состојба во земјава по воените дејствија на САД и Израел кон Иран и иранските кон земјите во Персискиот залив, во коишто има американски бази.

Во расправата учествуваа сите присутни, презентирајќи релевантни информации, податоци и сознанија за настаните врзани за воените дејствија и последиците од нив. Дебатата резултираше со генерална оценка за стабилна и безбедна состојба во моментов.

Повеќето дискутанти укажаа на нужноста од постојано будно следење на галопирачките воени дејствија во заливот, како и на неопходноста од засилена активност на инструментите на рано предупредување.

Се нотираше дека посебната грижа за македонските граѓани се остварува преку новоформираниот Кризен штаб во МНРиНТ и ДКП-ата, заради  целосна евиденција на македонските граѓани, коишто бараат дислокација од потенцијално загрозените подрачја.

На внатрешен план, претставниците на Владата декларираа целосна подготвеност и способност за справување со евентуалните економски и енергетски проблеми, предизвикани од војната.

Беше потенцирана потребата од засилени мерки против можни сајбер напади врз институциите и хибридни закани, како и нужноста од зголемена контрола на гранични премини.

Интензивната регионална соработка е од особен интерес за сите држави на Балканот!

Советот заклучи дека продолжувањето и засилувањето на регионалната соработка е од особен интерес за сите држави на Балканот.

Сподели: