На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Љубљана беше пречекана од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Претседателките одржаа тет-а-тет средба, по што следеше пленарен состанок на македонската и на словенечката делегација.
Предмет на разговорот беа билатералните односи, македонската европска интеграција, актуелните геополитички состојби, безбедносната архитектура на Западен Балкан и улогата на НАТО, низ призмата на заедничката посветеност на мултилатералниот поредок и европскиот политички проект.
Сиљановска-Давкова укажа дека кредибилитетот на европската интеграција зависи од доследната примена на Копенхашките критериуми: стабилност на демократските институции, владеење на правото, човекови права и почитување на малцинствата, пазарна економија, способност за справување со обврските од членството, инкорпорирани во Договорот за ЕУ.
“Денеска потврдивме дека билатерални односи се одлични, но има потенцијал за продлабочување на соработката во економијата, образованието, науката, културата и туризмот.
Македонската заедница во Словенија има можност да се организира, да ги негува својот јазик, култура и традиција и да биде вклучена во Советот за народностите, што е уште еден доказ за словенечката демократска зрелост и за почитувањето на културната различност. Знам дека припадниците на македонската заедница во Словенија имаат сè поактивна општествена и политичка улога, преку учество во општинските совети и во Националното собрание. Ова е уште еден доказ дека во духот на европските вредности, успешната интеграција не подразбира откажување од сопствениот идентитет, туку негово негување и почитување.
Во однос на нашата европска интеграција, повторив дека остануваме посветени. За нас ЕУ беше и останува не само географски, историски, заеднички културен дом, туку и важен приоритет. И очекуваме како и досега, поддршка од Словенија на овој пат.
Она што сакам да го потенцирам е да укажам на опасноста од билатерализацијата на процесот на проширувањето, особено кога таа е врзана за идентитетските прашања, за кои не се преговара. Ние не бараме привилегии, туку доследна примена на европското право и почитување на историскиот и културниот идентитет на народите и дигнитетот и интегритетот на индивидуите.
Европската Унија, персонифицира единство на различностите. ЕУ останува инспиративна филозофија, ако си ги почитува вредностите и принципите.
Интеграцијата на Западниот Балкан не е само политичко, туку и безбедносно прашање. Не е доволна реториката за да бидете отпорни на туѓи влијанија, бидејќи сите знаеме дека не постои политички вакуум којшто некој нема да се обиде да го пополни, или да влијае на него. Балканот секогаш бил своевиден лакмус за одмерување на силите на важните актери.
Ние имаме 100% усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, и заслужуваме низ призма на Копенхашките критериуми да покажеме зрелост и заинтересираност за европскиот пат.

Во рамките на официјалната посета, претседателката оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.
Соговорниците се согласија за потребата од деблокирање на македонските евроинтеграции и укажаа на неопходноста од засилена соработка.


