Вести Македонија Ударни вести

Симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ се собраа на протест пред судот

Сподели:

ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните и симпатизерите денеска на протест во 13.30 часот. Пред Основниот суд 1 во Скопје во моментов има околу стотина граѓани и зголемено полициско обезбедување.

Меѓу собраните граѓани можеше да се забележи и Соња Тарчуловска, меѓутоа сè уште нема потврди за шпекулациите дека меѓу приведените е и нејзиниот сопруг Јохан или пак за тоа дали полицијата воопшто го лоцирала.

Последниот кој беше донесен во судот денеска е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски.

– Сето ова што се случува е за да се заташка промената на името. Тие што провоцираат кога се бираше претседател на Собранието тие се поголеми виновници за случувањата тогаш и тие треба да се казнат – се дел од коментарите на демонстрантите.

Лицата што протестираат се пред платото на Судот, а полицијата го обезбедува просторот.

Пред судот засега е мирно. Насобраните граѓани не носат транспаренти и нема никакви извици.

Во меѓувреме, се очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да одржи прес-конференција во седиштето на партијата. По прес-конференцијата, како што јавуваат дел од медиумите, тој заедно со членови партијата треба да се упати пред судот.

Сподели: