Симпозиум за легализација на канабисот за медицински цели

Сподели

thumbs_b_c_5bf7495395aae231c011ad75a3e08a33

СКОПЈЕ (АА) – Македонската агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) го организираше вториот годишен симпозиум посветен на легализацијата на канабисот за медицински цели, на кој експертите од регионот и пошироко го споделуваат своето искуство во оваа област, со цел едуцирање на корисниците на канабисот на кој начин да го користат, во каква доза и за какви индикации, јавува Anadolu Agency (AA).

Симпозиумот на кој учествуваат претставници на здравствени институции, граѓанскиот сектор и здравствените експерти од земјата, истовремено има за цел да ги едуцира младите за ефектите и зависноста од употребата на производите од канабис.

Директорката на Агенцијата МАЛМЕД, Марија Дарковска-Серафимовска, рече дека аптеките во земјата нудат четири видови масло од канабис, коишто се произведуваат во Македонија и истакна дека овој производ сите граѓани можат да го купуваат без рецепт од доктор, бидејќи содржи количина на психотропна супстанција ТХЦ помалку од 0,2 проценти.

„Има голем интерес за користење на канабисот за медицински цели, но уште поважна е едукацијата на лекарите за оваа област и соодветниот начин на дозирање“, рече Серафимовска.

Од друга страна, министерот за здравство Никола Тодоров, кој го отвори симпозиумот, истакна: „На овој начин, ние го следиме трендот на европскиот развој, каде што во октомври 2015 година, вкупно 13 земји ја овозможија употребата на канабисот за медицински цели. На македонскиот пазар може да се најдат четири различни видови производи, за четири индикации, и тоа за малигни болести, мултплекс склероза, инфектираните со ХИВ, и за тешки детски заболувања“.

Експертите кои учествуваа на овој симпозиум веруваат дека маслото од канабис има позитивни ефекти при стрес, анксиозност, нервоза и депресија, а и воопшто, помага за подобрување на имунолошкиот систем кај луѓето.

Македонија е 14-та земја што го легализира канабисот за медицински цели. Досега канабисот е легализиран во Чешката Република, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Велика Британија, Словенија и во Хрватска. Во овие земји, пациентите можат законски да го земат тестираниот и квалитетен лек, кој има пониска цена во споредба со оној што се набавува илегално.