Вести Македонија Текстови

Сите неодговорени прашања ако има избори на 5 јуни

Сподели:

Иако е тешко да се предвиди дали навистина ќе се одржат изборите на 5 јуни, сепак остануваат отворени многу прашања, доколку владејачката партија посака да истрча сама со себе на изборна трка.

  • Избирачки одбори: Кој ќе членува во нив? Само ВМРО-ДПМНЕ? Која е смислата на такви еднопартиски одбори?

Рокот за поднесување предлози за членови на избирачките одбори истече на 5 мај на полноќ. ДУИ, ДПА и СДСМ не поднесоа листи на кандидати за членови на избирачките одбори, а тоа го стори само ВМРО-ДПМНЕ. Изборниот законик познава ваква дилема и предвидува непополнетите места во избирачките одбори да се оформат со луѓе вработени во државната и во јавната администрација.

  • Избор на министри:Од каде ќе се избираат министрите? Ако се избираат од кандидатските листи, тогаш ќе има кусок пратеници, ако, пак, се избираат надвор од листите, значи ли тоа дека Груевски, Тодоров, Милошоски и др., нема да бидат во „владата“?

Дали од кандидатите за пратеници, некој може да биде избран и за министер, како што досега се практикуваше, особено за носителите на изборните листи? Во ваков случај, ако носителите и по веројатната победа на ВМРО-ДПМНЕ ја добијат честа да станат министри, автоматски остануваат испразнети пратеничките мандати затоа што пратеничките листи би биле исцрпени докрај. Тоа повлекува нови избори најдоцна 60 дена од испразнувањето на пратеничкото место.

  • Албанскиот фактор: Што е со непишаното правило (т.н. Мајски договор) победничката македонска партија да коалицира со победничката албанска партија, во овој сличај кога нема албанска партија на листите?

Важна работа при избори на кои ќе настапи само една партија е учеството на албанските партии и нивната партиципација во владата. По Рамковниот договор се воведе практика за задолжително учество на албанскиот фактор во владејачката коалиција, а со Мајскиот договор се бетонира идејата победникот во албанскиот блок да биде партнер во владејачката гарнитура. Во ваков случај, нејасно е како би настапиле албанските политичари со оглед на тоа што повеќе од јасно е дека нема да бидат дел од владејачката коалиција.

  • Набљудувачи: Каква е смислата на набљудување на „еднопартиски избори“? И кој и зошто би ги контролирал?

Невладините организации, како „Мост“ и „Цивил“, кои досега ги покриваа изборните циклуси, сè уште се немаат изјаснето дали тоа ќе го прават и при евентуални избори на 5 јуни. Нивниот став е дека нема услови за избори, но нејасно е дали ќе испратат свои набљудувачи на избирачките места. Ако тоа не го сторат, останува отворено прашањето кој ќе ги набљудува изборите? Ниту ОДИХР сè уште јавно не се произнела дали ќе ги испрати своите набљудувачи на терен.

  • Гласачки материјал: Дали ќе се печатат гласачки ливчиња, обрасци, упатства? Колку тоа ќе чини и каква смисла ќе има ако треба да се фрли целиот тој материјал?

Предвремените парламентарни избори на 5  јуни ќе ја чинат државата 7,5 милиони евра. Според финансискиот план на ДИК, најголем дел од парите, 40 милиони денари, ќе бидат наменети за печатење ливчиња, обрасци, записници и упатства. За транспорт се предвидени 9 милиони денари, а за печати, перничиња, за сигурносни ленти и за паравани, како и за УВ-ламби и спреј – 9,2 милиони денари. Печатењето на избирачкиот список се предвидува да чини 4 милиони денари, превозот на членови на изборачките одбори во ДИК на денот на гласањето ќе чини 25 милиони денари, а 9 милиони денари се потребни за транспорт на доверлив и на недоверлив материјал, како и 9 милиони денари за чување доверлив материјал.

Извор meta.mk

http://meta.mk/site-neodgovoreni-prashana-ako-ima-izbori-na-5-juni/

 

Сподели: