СЈО го испраша првиот сведок во „Труст“, одбраната тврди дека ѝ се ускратени правата

Сподели

Во Кривичниот суд во Скопје денеска со испрашување на сведоци продолжи судскиот процес против бизнисменот Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, обвинети во случајот „Труст“ на СЈО.

Двајцата сведоци, Феим Имери – Фичо и Васил Ристовски, беа причина за препирање меѓу адвокатите на одбраната и обвинителите на СЈО, Гаврил Бубевски и Артан Ајро. Одбраната приговараше дека овие лица ги немало на листата на докази предложени од СЈО, што двајцата обвинители го негираа.

Судијката Лидија Зимбовска одлучи Имери и Ристовски, кој не дојде на денешното рочиште, да бидат испрашувани како сведоци на СЈО, а одбраната да ги испрашува вкрстено, што беше проблем на рочиштето, бидејќи дел од адвокатите не се снаоѓаа најдобро. Адвокатот на Кочан, Миле Петровски, дури доби и „укор“ од судијката зошто досега не научил да испрашува вкрстено.

Адвокатикатите на Кочан, Авировиќ и Ватиќ, повторно приговараа околу листата на докази на СЈО. Тие тврдеа дека листата која ним им е доставена од СЈО на претходното рочиште не соодветствува со таа од материјалите за предметот доставена до судот и поради тоа не можат да подготват аргументирана одбрана.
– Со ова ни се ускратува правото на одбрана – рече адвокатката на Авировиќ, Сања Алексиќ.

Сведокот Фаим Имери појасни дека е сопственик на фирма која продава и сервисира градежни машини и која од своето основање во 1991 година до денес соработува со фирмата на Кочан, „Трансмет“.

На Имери од СЈО му беа предочени три фактури и договор за купопродажба на машини со „Трансмет“, а сведокот потврди дека фактурите се на неговата фирма, но не можеше да потврди за потписот на нив.

Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, СЈО ги товари дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.

Следното рочиште е закажано за четврток, а него треба да бидат изведени материјални докази и да биде испрашан сведокот Васил Ристовски.

meta.mk