СЈО и понатаму ќе остане одлучно во намерата да обезбеди независно, непристрасно и професионално водење на истрагите во однос на кривичните дела

Сподели

Специјалното јавно обвинителство информира дека четвртиот Извештај за неговата работа денеска е доставен до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со Законот за ова обвинителство. Извештајот претставува преглед на работата на ова јавно обвинителство во изминатиот шестмесечен период, од 15. март до 15. септември 2017 година.

Во заклучоците од Извештајот СЈО наведува:

Кон крајот на извештајниот период, надминати се дел од пречките со кои се соочуваше ова јавно обвинителство од аспект на институционална соработка при што поголем дел од институциите покажаа подготвеност за соработка во рамки на законски предвидените обврски.

Ова јавно обвинителство, како досега така и во иднина, ќе продолжи да постапува исклучиво во рамки на своите законски овластувања, користејќи ги притоа сите законски механизми кои ни стојат на располагање, па оттука сме уверени дека институциите ќе соработуваат во истата насока со цел овозможување на Јавното обвинителство да ги исполни своите законски предвидени надлежности и мисијата која му е доверена. Водејќи се од правото на секој граѓанин да добие информација дали телефонскиот број бил предмет на незаконско следење на комуникациите, како и доследно почитување на начелото на транспарентност во работењето во претстојниот период, ќе продолжи процесот на анализа на сите податоци со кои располагаме со цел утврдување кои броеви биле предмет на незаконско следење на комуникациите и зависно од утврдените резултати ќе се постапи по сите доставени барања за проверка од страна на граѓаните.

Имајќи ги предвид сериозните резултати кои беа постигнати во овој шестмесечен извештаен период, уверена сум дека Специјалното јавно обвинителство уште еднаш потврди дека поседува капацитет да се справува со сите предизвици со кои се соочува во текот на работењето.

Во овој извештаен период посебен предизвик беше завршувањето на истражните постапки во рамки на рокот предвиден во член 22 од Законот, што бараше дополнителни ангажмани од сите вработени лица во обвинителството и изнаоѓање законски решенија за различни состојби и предизвици во насока на задоволување на законските стандарди пропишани за обвинетите лица.

Успешноста на работењето се должи и на концептот на организациска и структурална поставеност на Специјалното јавно обвинителство кој го воведов, а кој не предвидува класично постапување на припадниците на правосудната полиција-истражителите исклучиво по наредбите на јавните обвинители кои се дел од ова јавно обвинителство. Имено, истражителите преку координиран пристап со тимот во кој се вклучени, под водство на јавен обвинител имаат исклучително проактивна и значајна улога во своето постапување, при што особено се ценат професионалното знаење и искуство што го поседуваат.

Имајќи ги предвид ефектите на ваквиот начин на соработка и функционирање на истражителскиот тим во рамки на ова јавно обвинителство, неминовно се наметнува потребата од формирање на Истражен центар во согласност со Законот за кривичната постапка. Во оваа насока, а користејќи ги досегашните искуства во нашата работа заедно со мојот тим го разработуваме концептот за структура и организација на истражен центар.

Ценам дека е особено важно да потенцирам дека во согласност со воспоставената практика на Европскиот суд во случаите по предметите во кои има аудио записи кои потекнуваат од незаконско следење на комуникациите, како и решението донесено од страна на Апелациониот суд Скопје, ова јавно обвинителство, покрај аудио записите, сепак обезбеди и голем број други докази кои недвосмислено ќе покажат дека сторителите ги извршиле кривичните дела кои им се ставаат на товар.

Неоспорно е дека докажувањето претставува исклучително сложен и обемен процес во рамки на кој е нужно потребно преземање на голем број дејствија, соодветна временска рамка и ставање на располагање на голем број човечки ресурси. Се разбира дека самата законска поставеност на ова јавно обвинителство налага користење на аудио записите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, па оттука и материјалите доставени до Специјалното јавно обвинителство имаат специјален статус што е потврдено и со решението на Апелациониот суд Скопје во кое се наведува дека аудио записите стануваат дел од доказниот материјал и може да се користат како доказ во постапката. Имајќи ги предвид ваквата законска поставеност и веќе воспоставената судска практика, несомнено е дека е потребно да бидат создадени услови за Специјалното јавно обвинителство да може да ги исполни својата законска надлежност и обврска, а тоа е да ги истражи целосно материјалите кои потекнуваат од незаконското следење на комуникациите и да донесе соодветни јавнообвинителски одлуки.

Имајќи го предвид наведеното, го изразувам своето уверување дека во претстојниот период, а во што е можно покус рок, ќе се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство во смисла на обезбедување законски механизми и отстранување на сите пречки, со цел овозможување на ова јавно обвинителство до крај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност.

Имајќи го, пред сè, предвид јавниот интерес, се надевам дека законските измени кои се во тек ќе влијаат врз овозможување на правна еднаквост на сите сторители на кривични дела и со донесување на соодветни законски решенија да се отстранат пречките во работата на ова јавно обвинителство, а воедно ќе се овозможи негово непречено постапување и исполнување на законските надлежности.

Во прилог на потребата од изнаоѓање на соодветно решение со кое ќе се овозможи ова јавно обвинителство до крај да ја заврши својата работа е и професионалноста на мојот тим, кој недвосмислено покажа детерминираност во борбата против криминалот и корупцијата во Република Македонија. Ве уверувам дека ова јавно обвинителство и понатаму ќе остане одлучно во намерата да обезбеди независно, непристрасно и професионално водење на истрагите во однос на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Како јавен обвинител за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, имајќи го предвид начелото на автономија на ова јавно обвинителство, цврсто сум убедена дека независното, непристрасно и професионално работење е и ќе остане синоним за работата на Специјалното јавно обвинителство и дека на овој начин ќе успееме да обезбедиме почитување на начелото на еднаков третман на сите граѓани пред Уставот и законите, со што во Република Македонија ќе се надмине проблемот со неказнивоста за кривични дела извршени од одредени категории лица.