СЈО НЕ ЈА ДОБИ ПОДДРШКАТА ЗА ИЗМЕНИТЕ ЗА ЗАКОНИТЕ ОД ВЛАДЕЈАЧКОТО МНОЗИНСТВО

Сподели

Sobranie-na-RM

На денешната седница, владејачкото мнозинство не даде поддршка на измените за Законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Со 54 гласа „против“ пратениците го одбија овој предлог закон кој го предложи СДСМ. 36 пратеници гласаа „За“.

Петре Шилегов од СДСМ, рече дека тој предлог закон бил со цел да се спроведат барањата на СЈО за да можат тоа нормално да работи. Тој ја образложи потребата од предлогот споредувајќи го СЈО со одделот на ОЈО за посебен и организиран криминал и рече дека е целосно пресликување на правилата и постапката во двата органа (ОЈО-СЈО), и додаде:

– “Од досега поднесените, две обвиненија застаруваат за 10 години, односно за 5 години од денот на поднесувањето. За нив е предвидена долга затворска казна. Со гласањето на овој закон се праќа сериозна политичка порака, бидејќи СЈО произлезе од Договорот од Пржино, тоа има задача да помогне во надминување на сегашната политичка криза. Наша обврска е таа побрзо да заврши. Најважно е да дознаеме во една постапка кој и зошто прислушкувал. Сметаме дека е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ да се открие дали имаме жолти комбиња, меѓународен заговор против РМ и дали имало странски служби. ВМРО-ДПМНЕ, или ќе го расчистите сопственото криминално раководство од тој товар или ќе ви остане дека е нарачател на прислушкувањето.”

Тој нагласи дека сето тоа е во интерес и на Никола Груевски да се докаже дека не зел провизија од Кина, дека не го нарачал прислушкувањето, дека не стои зад инцидентот во Центар.

31 пратеник гласаа „за“, а „54“ беа против предлогот на СДСМ до крајот на 2017 година да се одложи оценувањето на јавната и државната администрација.

Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ ги образложи бараните измени на законот за административни службеници сегашниот закон има строги казни за административците.

– Овој закон е груб. Оценувањето на администрацијата е само самоволие на власта и само сакаат да ја држат администрацијата под контрола. Кој ги оценува административците? Само нивниот шеф кој е кадар од владејачкото мнозинство. За актуелниот лош закон има низа реакции од ОБСЕ/ОДИХР – нагласи Китев.

Според него, со предлогот на СДСМ ќе се одложи оценувањето до 31 декември 2017 година, а ќе се добие можност за нов закон по мерки на сите страни.

52 пратеника беа против, а 42 беа „за“ предлогот на СДСМ за измени на Законот за заштитени сведоци за потребите на СЈО.

– Заштитените сведоци треба да ги дадат своите искази без проблем. Да ве потсетам за немилиот случај со убиството или самоубиството на еден од сведоците на СЈО, Коста Крпач. Верувам дека имал сериозни притисоци. Наша постапка е да се овозможи професионална истрага – вака пратеникот Петре Шилегов од СДСМ го образложи предлогот за измени на Законот за заштитени сведоци за потребите на СЈО.

Собранието со 88 гласа „за“, ниту еден против или воздржан одлучи да го одобри владиниот предлог закон за намалување на данокот од 18 на 5 отсто при увоз на печки и пелети за греење, со што според владата ќе се стимулира користењето на оваа еколошка опција.