Скопје доби биста на Махатма Ганди

Сподели:

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски беше домаќин на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму и на претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на свеченото откривање на бистата на Махатма Ганди во Скопје.

“Во името на Град Скопје, на претседателката на Индија ѝ посакав срдечно добредојде во нашиот град.

На овој свечен настан во Музејот на град Скопје, со поставувањето на бистата на Махатма Ганди, Скопје добива траен потсетник на вредностите што тој ги застапуваше – мирот, ненасилството, слободата, вистината и моралната храброст. Неговото наследство нè потсетува дека најголемите промени започнуваат со почитта кон човекот и со уверувањето дека дијалогот секогаш е посилен од поделбите. Овој чин има особено силна симболика токму во Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза.

Иако нивните мисии биле различни, Махатма Ганди и Мајка Тереза ги обединува една универзална порака дека човечноста, љубовта, сочувството и грижата за другиот се најголемата сила што ја поседуваме.

Скопје е град кој длабоко ја познава вредноста на солидарноста. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, нашиот град ја почувствува подадената рака од целиот свет. Токму затоа денес продолжуваме да градиме мостови на пријателство, меѓусебна почит и соработка меѓу народите.

Силно верува дека овој значаен настан ќе биде уште еден чекор кон продлабочување на пријателството меѓу Македонија и Индија и кон отворање нови можности за соработка во културата, образованието, науката и поврзувањето на нашите народи. Нека ова спомен-обележје биде траен симбол на вредностите што нè обединуваат и порака дека мирот, човечноста и пријателството немаат граници.

Честа беше моја”, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Сподели: