Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Сподели:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија во официјална посета на државава.

По тет-а-тет средбата следеше пленарен состанок на македонската и на индиската делегација. Предмет на разговорот беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

За Сиљановска-Давкова, посетата е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката. Во заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и во искуството од Движењето на неврзаните, таа препознава цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи. Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

“Го поздравивме засилениот интензитет на политичкиот дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи и се согласивме дека контактите меѓу нашите влади, министерства, парламенти и институции треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

Парламентарната дипломатија останува еден од најсилните столбови на меѓународната соработка и јас сум уверена дека денешното обраќање на претседателката пред пратениците на нашето Собрание ќе ги зацврсти врските меѓу двата парламента, и ќе отвори нови можности за парламентарен дијалог.

Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање индиска резидентна Амбасада во Скопје”, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Друпади Мурму оцени дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народи.

Според обете, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

Сподели: