Со „Везилка“ македонскиот јазик ќе биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси   

Сподели:

Постојат проекти чија вредност не се мери само преку инвестицијата што ја носат или инфраструктурата што ја создаваат, туку преку нивната способност да ја променат насоката во која се движи едно општество.
 
Проектот „Везилка“ претставува вложување во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании, но и јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет.
 
Развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии и поставува нови стандарди за конкурентност. Воспоставувањето на Националниот центар за вештачка интелигенција претставува чекор кој има значење далеку над рамките на еден поединечен проект.
  
Преку овој центар се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат производи и услуги со висока додадена вредност.
 
Пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени овде да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво. Тоа претставува силен поттик за економски раст, за отворање нови работни места и за создавање нови можности за генерациите што доаѓаат.
 
Секоја инвестиција во науката и истражувањето е инвестиција која со текот на времето носи најголем поврат за општеството. Особено значење има и фактот што „Везилка“ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера.
 
„Везилка“ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите луѓе.
 

Сподели: