Вести Македонија Ударни вести

Собрание на РМ: На дневен ред законите за реформи во системот за следење на комуникациите

Сподели:

Денеска во Собранието седници ќе одржат комисиите за одбрана и за безбедност, за надворешна политика, за труд и социјална политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за финансирање и буџет, за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за одбрана и безбедност денеска треба да ги разгледа законите за реформи во системот за следење на комуникациите.

На дневен ред се две измени и дополнувања на Законот за полиција, измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи, Предлог – законот за Оперативно – техничката агенција, Предлог-законот за дополнување на Законот за класифицирани информации и Предлог – законот за следење на комуникациите, сите во прво читање.

Членовите на Комисијата за надворешна политика треба да го разгледаат Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за организации на рурални работници, 1975 (С 141) и Предлог – законот за ратификација на Конвенцијата за трудови статистики, 1985 (С 160)3 Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот Протокол 5 на Договорот за изменување и пристапување на Централно европскиот договор за слободна трговија.

Комисијата за труд и социјална политика ќе ги разгледува измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, измените на Законот за инспекцијата на труд, измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација, сите во прво читање, како и измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, во второ читање.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе одржи две седници. На првата се закони во второ читање кои се однесуваат на администрацијата. Меѓу другите, на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за административни службеници, на Законот за управната инспекција, како и на Предлог – законот за амнестија.

На втората седница на дневен ред се дополнување на Законот за извршување на санкциите, измени и дополнување на Законот за јавното обвинителство, на Законот за јавнообвинителска служба, за дополнување на Законот за судовите, и измените и дополнувањата на Законот за кривичната постапка, сите во прво читање.

Комисијата за финансирање и буџет треба да расправа за Предлог – законот за изменување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, во прво читање.

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправаат за измените и дополнувањата на Законот за електронските комуникации, измените на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, двата во прво читање, Предлог на закон за урбано зеленило, во второ читање, измени на Законот за електронските комуникации и на Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, двата во второ читање.

Две седници ќе одржи и Законодавно-правната комисија.

Сподели: