Собранието ќе го разгледува барањето за одземање на имунитет на шест пратеници

Сподели

Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањата на Кривичниот суд,0 за одземање на имунитетот на шесте пратеници кои Основното јавно обвинителство поради насилствата во Собранието од 27. април годинава ги товари за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

Барањата се пристигнати до Собраниетo.

Претходно Џафери изјави дека ако добие барање за одземање на имунитет на пратеници, истото веднаш ќе го препрати до надлежната Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е надлежна да расправа за барањето. Според процедурата, донесената одлука Комисијата ја враќа до претседателот на Собранието, кој потоа свикува седница на која ќе се расправа за барањето на судот.

МВР по налог на Основното јавно обвинителство, приведе 36 лица за насилствата во Собранието од 27. април годинава, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.

Во меѓувреме, завршен е распитот на Чавков и на Оливер Радулов, кој, пак, е осомничен за земањето на хард-дисковите со безбедносни снимки од Собранието, на кои обвинителството им одреди мерка притвор 30 дена.