Советниците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Шилегов 100.000 евра за дочекот да ги донира во хумани цели

Сподели

 

Групата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје бара градоначалникот Шилегов 100.000 евра наменети за новогодишната прослава да ги пренамени за хуманитарни цели и прашаа и зошто се трошат 300.000 евра за украсување на градот, кога воздухот во него е енормно загаден.

„Во знак на транспарентоста и отчетноста кон граѓаните бараме да се објават донаторите кои обезбедија 100.000 илјади евра за новогодишна прослава. Истата моќ на убедување да инвестираат во прослава, го повикуваме Шилегов да ја употреби, спонзорите парите да ги дадат во хумани цели. Шилегов да објасни како од бесплатна прослава на Плоштад се стигна до 100.000 евра за една вечер“, порачаа советниците од опозицијата.

„Шилегов исто така треба да објасни низ каква постапка се доделени 300.000 евра за новогодишно китење на градот и дали оваа сума не можеше да биде драстично помала и заштедените средства да се употребат за капитални инвестиции. Зошто Скопје троши 400.000 евра, за китење и новогодишна прослава за Нова Година кога илјадници Скопјани се без канализација и соодветен водовод. Дали средства не можеа да се инвестираат во итни мерки за почист воздух, со оглед на тоа што Скопје е најзагаден град во Светот“, порачаа советниците, инсистирајќи парите за новогодишниот дочек да се наменат за хумани цели.

„Градоначалникот Шилегов сомнежите ќе ги расветли единствено доколку донесеме заедничка одлука за донирање на средствата од 100.000 евра за хуманитарни цели“, се вели во обраќањето на советниците.