Спасовски-Јохансон: Само со заеднички сили можеме да се бориме против сите видови на криминал

Сподели

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари билатерална средба со Еврокомесарката за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон, во рамки на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи кој оваа година го организира Република Северна Македонија заедно со шпанското претседателство со Советот на ЕУ.

 

Заблагодарувајќи се за несебичната поддршка во потпишувањето на договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна Агенцијата за Европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија, министерот Спасовски истакна дека договорот ја одбележа изминатата година во поглед на позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Северна Македонија и ја донесе пораката дека современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.

„Во оваа заедничка акција, како и во се друго, чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици. Воедно, би сакам да истакнам дека борбата против организираниот криминал останува приоритет број еден за Северна Македонија и остануваме посветени на зајакнувањето на соработката со Европската Унија во оваа наша и Ваша борба”, истакна министерот Спасовски пред Еврокомесарката Јохансон.

Од страна на Еврокомесарката Јохансон беа изразени пофални зборови за одличната соработка помеѓу МВР и европската агенција ФРОНТЕКС, особено по минатогодишното потпишување на овој Договор, а како поткрепа на успесите зборуваат резултатите и статистиките коишто ги имаат МВР и ФРОНТЕКС на терен во спречувањето на илегалната миграција.

Двајцата соговорници се согласија дека само со заеднички сили, вмрежени, можеме да се бориме против сите видови на криминал на тлото на ЕУ.