Вести Изјави Македонија Ударни вести

Спасовски: МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на граѓаните

Сподели:

 

2022 година ќе остане запаметена и по неколку убави работи, изјави Министерот Спасовски на Новогодишниот брифинг со медиумите.

 

 

“По 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјава ги почна пристапните преговори со Европската Унија, со отпочнување на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, кој и МВР го започна и засега успешно го реализира. И во Извештајот за напредок на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е Министерството за внатрешни работи, на мое задоволство, се бележи напредок особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, се бележи напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка.

Годинава ја имав честа да го потпишам и договорот ФРОНТЕКС со еврокомесарката Јохансон, на 26 октомври, тука во Скопје, на македонски јазик без фусноти, кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу нашата држава и ЕУ по започнувањето на преговорите, а овој месец со еврокомесарката Јохансон, го потпишав и вториот документ со Европската Комисија поврзан токму со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.

Нашиот приоритетен интерес за приклучување во европските структури налагаше и поголем број активности кои ќе донесат поголема видливост на државата на меѓународната сцена и добри односи со другите држави. Во таа насока е приклучувањето кон меѓународни безбедносни иницијативи и регионални асоцијации, пред сè, од областа на внатрешните работи, како и продлабочена соработка, на ниво на полиции и институции, согласно она што предмалку го напоменав – брза размена на податоци околу новите форми на криминал со кој се соочува светот. Но, она што ми остана како впечаток од сите тие средби, конференции и собири е признанието што МВР, македонската полиција и нашата држава го добива од светот кој нѐ оценува не само како кредибилен партнер, туку според меѓународната заедница Северна Македонија претставува регионален лидер за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан, уште една потврда за амбициозните реформи во полицијата во изминатиов период, но и успешната меѓународна соработка на земјата.

Во основа, не станува збор само за нивната перцепција. И статистиката говори за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а зголемена ефикасност на полицијата, при што откриените кривични дела од организиран криминал бележат зголемување од 40%, дури 70% бележиме зголемување на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за 28% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Одлични резултати постигнавме и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Сузбиени се вкупно 14 организирани криминални групи во кои членувале 66 лица, од кои 12 за недозволена трговија со дрога. Да потсетам, годинава МВР уништи најголема количина на наркотични супстанции и дрога досега во печките на скопска железара. Стануваше збор за над 10 тони дрога запленета до август оваа година и по основ на правосилни судски одлуки по завршени кривични постапки и по судски решенија за нејзино уништување. Од нив над 8,2 тона марихуана, околу 100 килограми на хероин, хашиш и кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милиони парчиња психотропни супстанции, односно дрога која на црниот пазар би достигнала, според проценките, вкупна вредност од некаде 26 милиони евра.

 

 

 

Ова се само мал дел статистички податоци поврзани со зголемената ефективност на полицијата, за кои сум уверен дека се резултат на направените амбициозни и сериозни реформи, како на стратешко, така и на оперативно рамниште. Така, со промена на законската регулатива на двата матични закона – за внатрешни работи и за полиција, ги исполнивме препораките кои произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот, а притоа откривме 124 кривични дела поврзани со корупција, „тешки“ 227 милиони денари, чии сторители во најголем дел се вработени во државни институции и јавни установи и претпријатија. На ниво на МВР донесовме и Антикорупциската програма, чија цел е постигнување на антикорупциска култура кај вработените, градење на интегритет согласно европските стандарди, отстранување на условите за постоење на корупција во полицијата и непрофесионалното однесување.

Со реформските процеси на оперативно рамниште 2022 година ја завршуваме со завидна бројка од 78 комплетно реконструирани објекти, набавени униформи и опрема за сите организациони единици во МВР, трето зголемување на платата за 5% од 01.09.2022 во период од 6 години, како и исплатени бонус плати за околу 6.000 вработени, како бонус за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.

Затоа, на мое големо задоволство, сега можеме да зборуваме за висока доверба кон полицијата од 50% отсто од испитаните во анкетата спроведена од Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани. Ако на ова се додаде и рангирањето на државата според Глобалниот индекс за мир во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, а како најбезбедна држава во Западен Балкан, тогаш можеме со задоволство да го потврдиме континуираниот напредок.

Сепак, не можам, а да не споделам со вас дека оваа нагорна линија колку што е резултат на спроведувањето на поставените приоритети на ова раководство, подеднакво е заслуга на  вработените во институцијата која претставува гарант на безбедноста и сигурноста, но и на вас, медиумите, и граѓаните, генерално. Без вашата поддршка и здрава, издржана критика, без партнерството кое го градиме веќе шеста година со вас и со граѓаните, резултатите немаше да бидат ни толку евидентни, ниту континуирани – за што од срце ви благодарам! – изјави Министерот Спасовски на Новогодишниот брифинг со медиумите

Сподели: