Спасовски на средба со раководството на Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ во Лион

Сподели

 

 
Делегација на МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на официјалната посета на Генералниот секретаријат на Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ со седиште во Лион, Франција, денеска оствари средби со Генералниот секретар на Интерпол Јурген Сток, Извршниот директор Стефан Кавана и одговорниот на Интерпол за Европа, Франц Шерман.

 


 
Поводот за оваа посета на Генералниот секретаријат на втората најголемата полициска организација по бројот на членство, во која членуваат 195 земји од светот, е организирањето на јубилејната 50. Европска регионална конференција, која во 2023 година е доверена на Република Северна Македонија, што се совпаѓа со уште еден значаен јубилеј – 30- годишнината од членувањето на нашата држава во ова глобално полициско семејство.

 

„Ја искористив оваа пригода да изразам благодарност до Генералниот секретаријат и до земјите учеснички на 49. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, која се одржа во мај во Лион на која учествуваше делегација од МВР предводена од Директорот на БЈБ Тасевски, кои изразија поддршка и со гласање ја прифатија нашата кандидатура, укажувајќи ни ја честа токму нашата земја да биде домаќин на следната Европска регионална конференција.  Процесот на подготовки поврзани со организирање и реализирање на конференцијата е веќе започнат на ниво на МВР, а наскоро и на национално ниво, па со особена чест ги информирав нашите денешни домаќини дека датумот за одржување на настанот го избравме непосредно по Денот на полицијата – 7 Мај, со цел учесниците да ја збогатат прославата, но и да дадеме дополнително значење на 30-годишниот јубилеј од членувањето на Северна Македонија во Интерпол и одржувањето на самата Европска конференција, како и за промоција на полициската соработка во меѓународни рамки, но и промовирање на Северна Македонија со нејзините автентични обележја во светот“, истакна министерот Спасовски по средбите.

На денешната средба, која се реализира во продолжение од вчерашната посета на Букурешт, што за министерот Спасовски претставува своевидна најава на бројни претстојни активности на МВР со меѓународен предзнак, тој ги информираше своите домаќини дека во тек е подготовка за учество на висока делегација од МВР на 90. Генерално собрание на ИНТЕРПОЛ во Њу Делхи, Индија.

 

„Впрочем, ова е логичен след на случувања, имајќи ја предвид богатата оперативната соработка помеѓу МВР и ИНТЕРПОЛ, која се реализира преку активно и континуирано учество на МВР во неколку различни сфери на делување, како што се: јавна безбедност и тероризам, сузбивање криминални организации, нелегална трговија со дрога и оружје, финансиски и компјутерски криминал, трговија со луѓе, како и други форми на оперативна соработка, согласно стратешките приоритети на министерството. Оваа соработка се реализира преку размена на оперативни информации, сознанија и податоци и учество на експерти од МВР во работните групи на ИНТЕРПОЛ. Со нашето членство во најголемата полициска организација ИНТЕРПОЛ, од особено значење е придонесот кој нашата држава го дава кон меѓународната полициска соработка, преку активност и континуитет во работата на работните групи и тековните проекти и операции иницирани од страна на Генералниот Секретаријат, преку идентификување на соодветна експертска потреба од расположливите ресурси во Министерството и останатите служби за спроведување на законот“, појасни министерот Спасовски.

Меѓу другото, на денешната средба стана збор и за учеството на МВР во заедничките операции со ИНТЕРПОЛ за  детектирање и сузбивање на организирани групи инволвирани во криумчарење кубански и индиски мигранти и, во соработка со Царинската управа, во глобална операција за справување со криминалот со возила и разбивање на транснационалните мрежи кои профитираат од ваквата активност, при што одземени беа 10 возила под сомнение за фалсификат, од кои кај пет возила потврдени се фалсификати.

„На мое големо задоволство на денешната средба беше оценето дека Северна Македонија претставува кредибилен партнер и лидер во имплементацијата на заедничките оперативни активности иницирани од страна на Генералниот секретаријат, што претставува мотив повеќе за продолжување и интензивирање на соработката со ИНТЕРПОЛ, преку континуирано активно учество во тековните активности на организацијата и несебичниот придонес на нашата држава со сите расположливи капацитети“, порача Спасовски од седиштето на Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ во Лион.