Зеленски: Пронајдена е „масовна гробница“ во Изиум

Сподели

 

По повлекувањето на руските трупи, во украинскиот град Изиум е пронајдена „масовна гробница“, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Преземени се неопходните процесуални дејства“, рече Зеленски во својата вчерашна видео порака, пренесе Ројтерс.

Украинскиот претседател кој го посети Изиум во средата, го спореди откритието со наводните воени злосторства на руските сили врз цивилите во Буча, на периферијата на главниот град Кијив кое се случи во раните фази на војната.

„Русија ја остава смртта зад себе насекаде и мора да биде одговорна“, рече Зеленски во видео обраќањето.

Русија негираше дека целела цивили или дека извршила воени злосторства.

Денеска во градот треба да влезат и новинари. „Сакаме светот за дознае што навистина се случува и до што доведе руската окупација. Буча, Мариупол и сега, за жал, и Изиум: Русија насекаде остава смрт и мора да одговара за тоа“, изјави Зеленски.

Рускиот претседател Владимир Путин до сега не го коментираше неуспехот што го претрпеа неговите сили овој месец. Украинските власти соопштија дека се повторно преземени 9.000 квадратни километри, територија колку островот Кипар.

Видеото на Ројтерс од источниот град Купијанск, клучен центар за снабдување што украинските сили го вратија минатата недела, покажа дека многу згради биле оштетени или изгорени.

„Без струја, без комуникации… ако има комуникација, би можеле барем да разговараме со семејството. Само да не беше сето ова бомбардирање со сите во нивните подруми“, изјави еден човек.

Брзината на напредувањето го зајакна украинскиот морал и создаде можност Украина да покаже успех пред своите западни сојузници додека бара повеќе оружје за да ја одржи својата одбрана.

Во Вашингтон, американскиот претседател Џо Бајден најави нов пакет оружје од 600 милиони долари за помош на Украина, вклучително и артилериски ракетни системи со висока мобилност (HIMARS) и артилериски куршуми. Соединетите Американски Држави испратија околу 15,1 милијарди долари безбедносна помош во Киев од руската инвазија на 24 февруари./Мета.мк