Спасовски: Да ја јакнеме Македонија на економски план и да ја градиме на сите полиња

Сподели

 

Техничкиот премиер во заминување Оливер Спасовски на денешната прес-конференција оцени дека преодната влада во овој деветмесечен мандат успешно одговорила на предизвиците. На тој начин, додаде Спасовски, таа направила пат за новата влада со полн мандат да ги води државата и граѓаните напред.

„Јас сум уверен дека во личностите кои се предложени за министри постои сериозен капацитет за општествено одговорни лица, стручни, компетентни лица кои ќе знаат да ги остварат европските перспективи, да ја јакнеме Македонија на економски план и да продолжиме да ја градиме на сите полиња,“ изјави Спасовски.

Тој се осврна и на состојбите во Министерство за внатрешни работи, институцијата од каде што како министер, дојде на местото технички премиер.

„Од моментот на доаѓање на министер од опозицијата во МВР, таму се случуваа многу чудни работи и многу преместувања и деградации, кои не требаше да се случат ако сакаме да имаме полиција како што сите посакуваме. Од моментот кога Парламентот ќе ја изгласа владата ќе седнам и ќе видам што е направено во овој изминат период од скоро девет месеци и секако дека, како што водев дијалог и претходно, ќе седнам да раговарам и со вработените и со синдикатите. Врвниот приоритет е дека мора да изградиме професионална полиција, која ќе служи на државата и граѓаните,“ изјави Спасовски.

Техничкиот премиер во заминување исто така најави четврт сет на економски мерки, со кои е предвидено пензионерите со најмали пензии, невработените лица и самохраните родители да добијат домашни платежни картички.

Во однос на одложувањето на почетокот на учебната година за еден месец, тој рече дека има медицинска оправданост и е поради епидемиолошката состојба како прва причина, а втората е легислативата односно неможноста да се носат закони или измени до формирање новото собрание и влада.