Спасовски: Во случајот „Онкологија“ се вештачат собраните докази, виновникот секогаш има име и презиме

Сподели

 

Министерот Оливер Спасовски во интервјуто за „360 степени“ запрашан за случајот „Онкологија“ имајќи предвид дека поминаа 40-тина дена од упадот на полицијата во клиниката и дали досега истрагата наиде на нешто конкретно и опипливо, потенцираше дека досега се направени голем број активности во рамките на истрагата.

„Има докази, тие докази се во јавното обвинителство, дел од тие докази сѐ уште се вештачат, одземени се огромен број на материјали, огромен број на електронски уреди, направена е екстракцијата на сите тие материјали коишто се од електронските уреди. Тоа што е за вештачење во Министерството за внатрешни работи во делот на електронските уреди, тоа што е за вештачење со медицинската документација – тоа ќе го работат стручните луѓе од медицината. Очекувам дека сите тие факти и аргументи ќе бидат потврдени, обезбедени и на основа на тоа конкретно ќе се конкретизира вината, затоа што виновникот секогаш има име и презиме и тој треба да биде изведен пред лицето на правдата“, дециден беше министерот Спасовски.

За очекувањата на јавноста за брза истрага и резултати, министерот Спасовски истакна дека ниедна истрага не може да биде орочена со датум само заради задоволување на апетитот на јавноста, бидејќи тоа секогаш може да предизвика влечење на потези кои не се релевантни.

„За мене е важно да го завршиме комплетно тоа што го бара обвинителството и другите институции коишто се вклучени, да се обезбедат доказите и тој којшто е виновен да носи одговорност. Оперативните податоци коишто ги имавме и на основа на сето тоа со што располагавме како оперативни информации, во консултација со јавното обвинителство, го направивме чекорот којшто требаше да го направиме. И понатаму, со анализирање на сите работи коишто стојат пред нас, како аргументи и факти, ќе се утврди сето тоа што е правено и во кој обем. Верувам ќе има доволно докази“, потенцираше на крај министерот Спасовски.