Вести Изјави Македонија Ударни вести

Спасовски за Вечерњи лист: Сакаме безбедни, фер и демократски избори

Сподели:

 

Премиерот Оливер Спасовски, во интервју за хрватскиот весник Вечерњи лист одговори на повеќе актуелни прашања, меѓу кои и справувањата за здравствената криза, претстојните парламентарни избори, придобивките од членството во НАТО, очекувањата за евроинтеграциите, по добиената одлука од ЕУ за почеток на преговорите.

„Здравјето на граѓаните е врвен приоритет и за нас како Влада и за СДСМ како владеачка партија. Работиме со максималната посветеност на здравјето на граѓаните и на јавното здравје, почитувајки ги експертските мислења и ставови на епидемиолозите и на здравствените работници и земајки ги предвид соодветните компаративни искуства од државите од регионот, Европа и светот. Од тоа се водевме во сите досегашни одлуки, вклучувајки го и последното релаксирање на некои рестриктивни мерки и на овој начин ќе продолжиме да работиме како Влада и во наредниот период. Ова се определби за фунционирање и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Датум за изборите очекувам да утврдиме. Ние веќе имавме една лидерска средба кај претседателот на државата, на којашто како претставници на институциите и на политичките субјекти, сите, застанавме зад ставот дека е најважно здравјето на граѓаните. Во таа насока ја гледаме и потребата од одржувањето на изборите. Препораките на Комисијата за заразни болести и на здравствените власти со внимателност ги земаме предвид, очекуваме врз основа на тоа Државната изборна комисија да спроведе безбедни, фер и демократски избори, во контакти сме и со набљудувачката мисија на ОБСЕ. Сакаме безбедни, фер и демократски избори. Тоа е само најдоброто за граѓаните и за државата. Добро е да се обрне внимание на периодот на намалување на бројот на нови случаи како можност да се одржат изборите, ако се земат предвид проценките за можен нов пик на кризата есен. Ние веќе во продолжен период функционираме како техничка Влада и без Парламент во вонредна состојба. Носиме уредби со сила на закон во интерес на граѓаните, делуваме ефикасно превентивно колку што е можно, а еве сме во финална фаза и на третиот сет економски мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството. Но ние сме демократска Влада и СДСМ е демократска партија и сметаме дека е неопходно да имаме функционален Парламент и со оглед на непредвидливоста на здравствено-економската криза, а и како контролен механизам на Владата. Изборите се веќе прогласени, како совесна и одговорна владеачка партија подготвени сме да биде утврден датум за зборите прифатлив за сите, а како премиер и како Влада остануваме цврсто определени на заштита на здравјето на граѓаните и на нивните интереси, како што се безбедни, фер и демократски парламентарни избори“ – изјави премиерот Спасовски.

Сподели: