Според Пржино, мора да има и правна и политичка разврска

Сподели

154EAF48-C213-4FE2-BBCD-A9881C406EF1_w987_r1_s

ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе победи на изборите и затоа ја преферира политичката разврска, а СДСМ смета дека правната разврска работи во нивна корист, но двата столба на „Пржино“ не сметат да се употребуваат еден против друг.

Не можеме долго да издржиме ниту политички, ниту економски во ваква криза и затоа решение треба да се најде поскоро вели во интервјуто на Радио Слободна Европа аналитичарот Сашо Клековски. И германскиот посредник Јоханес Хајндл по состаноците во Скопје истакна дека меѓународната заедница очекува напредок до годишнината од договорот од Пржино, т.е. до 15 јули.

Клековски смета и дека проблемите во спроведувањето на договорот произлегуваат од тоа што ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе победи на изборите и затоа ја преферира политичката разврска, а СДСМ смета дека правната разврска работи во нивна корист и затоа одолговлекува со други прашања.

„Мора да ги има двете, мора да има политичка и правна разврска. Двата столба на пржинскиот договор не смеат да се употребуваат еден против друг бидејќи на Македонија и се потребни двата столба“, вели Клековски.

Според него македонските лидери немаат капацитет за политички дијалог и поради тоа очекуваат некој од надвор да ни ги реши проблемите. Во тој контекст се коментираат и преголемите очекувања од посетата на американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, која в понеделник доаѓа во Скопје. Таа е сепак во регионална турнеја и покрај Македонија ќе ги посети и Албанија и Косово додава Клековски.

„Ние треба да пораснеме. Јас мислам дека на повеќето во Брисел, Вашингтон и Берлин им е преку глава од нашата неспособност за водење политички дијалог и договарање“, вели Клековски.

Според аналитичарот Алберт Муслиу државава секогаш има преголеми очекувања од странците, но моментот сега сепак е поинаков. Имаме среќа додава тој што целиот регион периодов е во фокусот на американската политика.

„Со доаѓањето на Нуланд и со веќе реализираната посета на Ханјдл нашите политички елита нема да имаат веќе избор или излез да го ескивираат решението на целата ситуација и верувам дека процес уште иднината недела ќе се одблокира“ вели Муслиу.

И тој смета дека македонските политичари немаат капацитет за дијалог и сами да ги решат проблемите. Според него меѓудругото причината за големото потпирање на странскиот фактор е тоа што на тој начин полесно се оправдуваат пред своето членство за отстапките што ги прават.

Фросина Димеска

SLOBODNAEVROPA.MK