СРБИЈА: Сандаци со оружје најдени близу до семејната куќа на српскиот премиер

Сподели

aleksandar_vucic

Во близината на семејната куќа на српскиот премиер Александар Вучиќ, во Јајинци, во околината на Белград, пронајдени се сандаци со оружје, соопшти синоќа министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Оружјето било пронајдено во шума, веднаш до патот, што води до куќата, во која Вучиќ, често навраќа.

Во сандаците, за кои се вели дека ги откриле „граѓани кои ја известиле полицијата“  имало бомби, поголемо количество муниција и еден противтенковски лансер со граната, од типот „Оса“ оружје од арсеналот на некогашната југословенска армија.

Оружјето било откриено во непосредна близина на еден остар свиок на патот, што води до куќата, на која службеното возило на премиерот редовно морало да ја намали брзината на само 10 километри на час.

Министерот Стефановиќ соопшти дека сите српски безбедносни служби се излезени на теренот и е покрената широка истрага за целиот случај.

Во изјава за белградските телевизиски станици тој рекол дека премиерот Вучиќ, веднаш бил префрлен на „безбедна локација“.

-Местото на кое е најдено оружјето е одалечено само 50 метри од патот и има идеална позиција за напад, обезбедувајќи му на потенцијалниот напаѓач лесно да побегне- рекол Стефановиќ.

Министерот на полицијата јавно побара  од безбедносните служби и од српското разузнавање да ги соопштат сите информации со кои располагаат и да го објаснат целиот случај.

„Ако не може да го направат тоа, тогаш сите нека се повлечат од своите функции. Јас сум подготвен во секој момент да се повлечам“- им рекол Стефановиќ на српските новинари.

Во првите синоќешни реакции, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ побара од службата која се грижи за безбедноста на премиерот и на неговото семејство, да биде максимално подготвена.