Вести Македонија Ударни вести

Средба Димитров-Коѕијас во Солун

Сподели:

Во Солун во тек е средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, јави известувачот на МИА.

Средбата се одржува на маргините на квадрилатералниот состанок, на кој покрај Димитров и Коѕијас, учествуваат и министрите за надворешни работи и на Бугарија и Албанија.

Во македонската делегација се во Солун се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерската средба изутрината ја отвори Коѕијас, кој најави дека ќе се разговара за безбедносните прашања, јакнење на соработката во оваа сфера во контекст за новите предизвици со кои се соочува регионот, но и светот генерално, засилување на прекуграничната соработка, како и енергетиката, односно можноста за нови проекти во оваа сфера.

– Балканот е регион кој ветува многу во однос на развојот на енергетиката, во смисла на изградба на гасововоди и други проекти, поради што е потребно зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, а пред се на четирите, кои учествуваат денеска на квадрилатералната средба во Солун, Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, рече Коѕијас.

Истакна дека на синоќешната работна вечера биле разгледани прашања поврзани со унапредување на меѓусебната соработка меѓу земјите преку министерствата за надворешни работи.

Предвидени се и поединечни состаноци на министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за енергетика и за економија.

Ова е втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк.

Сподели: