Средба Гаши со новоименуваната британска амбасадорка Сивањанам

Сподели:

Денеска во Собранието се одржа средба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, со новоименуваната британска амбасадорка Маја Сивањанам. На почетокот на средбата претседателот Гаши ѝ посака топло добредојде на амбасадорката во земјава, со желби за успешен мандат и континуитет на одличната соработката меѓу Собранието и Британската амбасада. 

Претседателот ја истакна повеќедецениската развојна динамика на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, кои се одвиваат преку конкретни форми на проектна и институционална соработка, а како посебна ја издвои соработката преку Весминстер фондацијата за демократија, со која се зајакнуваат функциите на Собранието и Службата. Изрази очекување за натамошно реализирање на соработката на ниво на претседатели на парламенти, пратеничките групи за соработка во двата парламента и меѓукомисиската размена на најдобри практики и искуства. 

Амбасадорката Сивањанам изрази задоволство од значајната соработка со Собранието на која ќе посвети соодветно внимание за време на нејзиниот мандат. Притоа, го запозна претседателот Гаши со приоритетите и фокусот на работа во следниот период, со акцент на натамошно развивање на дипломатските односи и севкупната билатерална соработка меѓу двете држави.

Двајцата соговорници разменија мислења околу претстојните активности на Собранието и можностите и модалитетите за освежување на динамиката на веќе утврдената соработка меѓу двата парламента. Беше потенцирано значењето на Стратешкото партнерство и Договорот со кој се уредуваат трговските односи меѓу двете земји, како и натамошната поддршка на европската агенда на Република Северна Македонија од страна на Обединетото Кралство.  

Сподели: