Средба на министерот Османи со Борисов на аеродромот во Софија

Сподели

 

Министерот Бујар Османи се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Средбата, како што објави Османи на својот Фејсбук профил, се одржала на аеродромот во Софија.

 

 

Османи и Борисов утринава во Софија ги чекале  своите летови. Османи преку Софија леташе за Берн, а Борисов во Виена за да оствари средби со повеќе лидери на земји членки на ЕУ.

Министерот Османи изјави дека засега нема ништо ново во однос на разговорите со Бугарија, а нашиот фокус, во моментов е на работите од Договорот со Бугарија за кои имаме помалку разлики, бидејќи, како што истакна, јасно е дека политиката во Софија е фокусирана на нивните внатрешни прашања и изборите кои наскоро ќе се одржат.

Според бугарска агенција, која се повикува на информациите од бугарската Влада, Борисов му рекол на Османи дека мора да се најде решение, оти „следните генерации нема да ни простат“.

-И вие и ние треба да се подготвиме за преговори за разум, а не за емоции, за да можат нашите соседи да бидат во Европската унија. Геостратешката цел на Бугарија е ова, прашањето е да се најде политичка волја, и ние и вие, нагласи Борисов на средбата.

Борисов на средбата нагласил дека треба да се исполнат сите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година и испратил „посебен поздрав до премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.