Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Шеик Нахјан Бин Мубарак Ал-Нахјан

Сподели

 

Последниот ден од официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и делегацијата остварија средба со Н.Е. Шеик Нахјан Бин Мубарак Ал-Нахјан, министер за толеранција и соживот во Владата на Обединетите Арапски Емирати.

 

 

Министерот срдечно ја поздрави делегацијата, посакувајќи и успешен и пријатен престој и посочи дека посетата се реализира во вистинско време кога се создадени услови за зајакнување на меѓусебните односи. Истакна дека, Република Северна Македонија е земја со посебно значење за ОАЕ, земја која силно ја поддржуваат и стојат зад неа, со цел јакнење на државата и креирање на просперитетна и стабилна земја.

Претседателот Џафери се заблагодари на топлото гостопримство и истакна дека во духот на одличните односи меѓу двете земји кои имаат доста сличности од аспект на мултиетничкиот карактер, треба да се работи на споделување на искуствата и промовирање на оваа карактеристика како силна придобивка. Нашата земја ја признава позитивната улога на ОАЕ, која преку директната хуманитарна и развојна помош ефективно влијае на економскиот раст и благосостојбата на државите од Западен Балкан. Високо ја цениме конструктивната позиција на Обединетите Арапски Емирати во напорите за стабилизација во регионот на Блискиот Исток, со цел  постигнување траен мир и стабилност.

 

 

Претседателот Џафери, во контекст на меѓуетничките односи и толеранцијата, ја истакна позитивната улога на Комитетот за односи меѓу заедниците и на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кои се грижат за подобрување на дијалогот меѓу заедниците и остварување на правото на изразување, идентитетот и особеностите на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија во јавниот, општествениот, културниот и социјалниот живот во земјата. Тој го запозна соговорникот за активниот пристап кон религиските прашања, во држава каде двете најголеми религии се издвоени од државата и работат заеднички во креирање на меѓусебна почит и разбирање. Покрај нашите заеднички цели за стабилност, безбедност и просперитет на ЈИЕ и регионот на Арапскиот Залив, Република Северна Македонија и ОАЕ имаат просперитетна етничка различност и ја споделуваат истата политика на толеранција со цел градење општества во кои се негуваат етничката и верската различност. Ова е предност и важна заедничка вредност, не само за христијанското или муслиманското население, туку и за припадниците на другите вероисповеди, кои уживаат рамноправен третман.

И на меѓународен план, во континуитет остваруваме средби со претставници на меѓународни форуми кои негуваат меѓурелигиски дијалог и меѓуетничка толеранција, како што се Интерпарламентарното собрание на православието, Европскиот муслимански форум, Муслиманската светска лига и Глобалниот совет за толеранција и мир.

Министерот Шеик Мубарак Ал-Нахјан мошне позитивно ги оцени нашите постигнувања на овој план, ја истакна силната и недвосмислена поддршка на ОАЕ во градењето на просперитетна држава која не само што ќе биде рамноправен партнер во билатералните односи, туку изрази и уверување дека ќе биде почитуван меѓународен партнер со проактивна позиција во решавањето на светските предизвици.

Двајцата соговорници споделија заедничко очекување дека одличното ниво на дијалог, соработка, меѓусебно почитување и разбирање ќе продолжи со иста динамика во иднина, што ќе резултира со корисна соработка во сите области од заеднички интерес, бидејќи ги поддржуваме истите заложби за мир и стабилност, регионално и глобално.