Вести Македонија Ударни вести

Утре започнува последната шеста фаза од реконструкцијата на „Орце Николов“

Сподели:

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за утре го најави почетокот на шестата и последна фаза од реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало.

Овој капитален проект, кој го започна претходниот градоначалник на општината, има за цел да воведе ред во сообраќајот, да даде хумана димензија и да го врати препознатливиот лик на една од најважните центарски улици, „Орце Николов“, соопштија од Општина Центар.

Со стеснувањето на коловозните ленти, системот на паралелно паркирање и воведувањето на физички мерки за ограничувања на улицата се зголемува безбедноста на одвивање на сообраќајот, а со изведбата на нови тротоари и велосипедски патеки, особено внимание им се посветува на пешаците и велосипедистите.

Оваа фаза од реконструкцијата предвидува целосно затворање на улицата „Орце Николов“, од крајот на фаза 5, до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“. Во овој потег се предвидува затворање на улицата „Ѓорѓи Пулевски“. Истата улица се предвидува да биде двонасочна и со тоа ќе се овозможи пристапување на жителите со што се забранува паркирање по должина на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ и на дел од улицата „Благоја Давков“. Се затвора и пристапот преку тротоар до улица „Донбас“, со тоа што жителтите по истата ќе пристапуваат преку улицата „Алберт Ајнштајн“. Сите приоди по должинa на улицата се затвораат.

Реализацијата на последната фаза од реконструкцијата е предвидено да трае 30 дена.

Реконструкцијата на „Орце Николов“, поделена во 6 посебни фази, опфаќа површина од вкупно 7.182 метри квадратни. Целиот зафат чини 64.847.608, 47 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.

Сподели: