Средба на Митрески со претседателката на СОЖМ Савка Тодоровска

Сподели

 

Претседателот на Собранието Јован Митрески и генералната секретарка, Цветанка Иванова, остварија средба со Савка Тодоровска, борец за женски права и претседател  на Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), како и со Даниела Димитриевска од Македонското Женско лоби (МЖЛ). 

На средбата се разговараше активностите кои двете здруженија ги планираат во пресрет на одбележувањето на 8 Март – Меѓународниот ден на жените и нивната борба за економска, политичка и социјална рамноправност.

 

 

Изразувајќи задоволство од досегашната соработка со Собранието и со Клубот на пратенички, Тодоровска го информираше претседателот Митрески дека оваа година се одбележуваат 30 години од мрежата на организациите на жените во Северна Македонија.  Во рамките на одбележувањето ќе биде промовирана и книгата „30+ жените тоа го можат“, за што побара поддршка и од Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот Митрески изрази поддршка за активностите на СОЖМ и МЖЛ и потенцираше дека и тој како претседател, но и Собранието ќе бидат тука за заедничка соработка и унапредување на иницијативите кои се однесуваат на родовата еднавкост.

Претседателката на СОЖМ Тодоровска најави и иницијатива за унапредување на родовата рамноправност во политиката, која се однесува на измени на Изборниот законик со кои ќе се предвиди рамноправно учество на жените на изборните листи за парламентарните избори, како и измени кои ќе гарантираат дека најмалку 30 проценти од првите луѓе на општините ќе бидат жени.

Претседателот Митрески истакна дека во него треба да гледаат силен поддржувач на ваквите иницијативи и информираше дека во моментов 42 проценти од пратениците во Собранието на РСМ се жени.