Вести Македонија Ударни вести

Средба ЗНМ и ОБСЕ: Заштита на новинарите и слобода на медиумите

Сподели:

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија, претседателот Насер Селмани и директорот Драган Секуловски, вчера во Скопје се сретнаа со Високиот претставник за слободата на медиумите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Харлем Дезир.

На средбата беше разговарано за безбедноста на новинарите, медиумската регулатива како и за реформата во Македонската радио-телевизија.

Претседателот на ЗНМ, Селмани го информираше Г-динот Дезир за безбедноста на новинарите која последната година се подобрува затоа што бројот на напади е драстично намален, а годинава за прв пат судот изрече затворска казна од шест месеци за граѓанин кој лани на протест физички нападнал двајца новинари.

Селмани изрази загриженост што во Македонија продолжува политиката на неказнивост на напади на новинари. Од околу шеесет напади, кои се случиле во изминатите шест години, 13 напади воопшто не се расветлени, а за останатите истрагата се’ уште е на самиот почеток.

Тој се пожали дека има лоша пракса полицијата да приведува новинари во полициска станица без некоја сериозна причина, а притоа МВР не води истрага за да ги утврди околностите под кои се приведени новинарите. Тој рече дека во демократски земји слободата на медиумите не може да се ограничи со арбитрарни одлуки на полициски службеници.

Во врска со измената на законската регулатива, Селмани ја поздрави подготвеноста на Владата, после референдумот, да ги повлече спорните измени на Изборниот законик и побара експертска помош од Високиот претставник во процесот на измена на медиумското законодавство, со цел законите да бидат во согласност со европските стандарди.

Претседателот на ЗНМ се заложи и за сериозна реформа во Македонската радио-телевизија, која ќе помогне да се подобри квалитетот на известување на медиумите за прашања поврзани со животот на граѓаните и нивната благосостојба.

Високиот претставник на ОБСЕ вети дека одблизу ќе ги следи состојбите со слободата на медиумите во Македонија и дека ќе соработува со македонските власти со цел да се адресираат сите грижи на македонските новинари.

Сподели: