Утрово започна најавениот протест на чело со Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој остро ги критикуваше пратениците обвинувајќи ги дека веќе две години го блокираат синдикалниот предлог за зголемување на минималната и на сите останати работнички плати, за најмалку 600 евра.

„Добро утро на сите, освен на пратениците. Зошто освен на пратениците? Затоа што 2 години го блокираа предлогот на ССМ за зголемување на работничките плати, или за зголемување на минималната плата и зголемување на сите плати за најмалку 6000 денари.
Како што им ветивме, денеска по 21 човек на две локации ќе ги блокираме да не можат да дојдат до сопствените возила на работа со кои што идат, да не можат да наплатат трошоци за превоз како да трошат керозин и ќе мора да дојдат пешки или со јавен градски превоз.
Голем дел на пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна пратеничката плата ќе се зголеми не само за 9,2%, туку и за 12,6% затоа што Уставниот суд голема е веројатноста да ја укине уредбата на Владата од претходната година. Тие се подготвени нивните коефициенти да ги намалат за 9% само за да не ги зголемат платите на работниците“, изјави Трендафилов пред Собранието.
Поради најавениот протест, во центарот на Скопје ќе важи посебен сообраќаен режим. Блокирани се влезовите и пристапите на Собранието и улицата пред Собранието.


