После 50 години се обновува патната врска Преспа и Охрид преку „Галичица“

Сподели

 

Освен што ќе се подобри квалитетно патното поврзување меѓу овие два града, ќе добиеме современа патна инфраструктура која ги поврзува двата најзначајни туристички центри во земјата – Охридскиот и Преспанскиот. Со тоа на туристите ќе им се овозможат соодветни современи услови за патување и за посета на туристичките капацитети на двете страни од националниот парк „Галичица“, потенцираше премиерот Зоран Заев на организираниот настан по повод почетокот на работите на реконструкцијата на регионалниот пат Ресен-Охрид, на делницата од Отешево до приклучувањето на патот Охрид – Св. Наум преку националниот парк „Галичица“.

 

 

„Со рехабилитацијата на патот преку Галичица, туристите и рекреативците ќе добијат лесен пристап до убавините и потенцијалите на питомите предели на планината за активности како што се планинарењето, планинскиот велосипедизам, параглајдерството и другите рекреативни активности и адреналински спортови“, рече премиерот Заев.

Првата фаза е делницата на патниот правец од Царина Отешево до превојот на Галичица во должина од 14,9 километри. Вредноста на инвестицијата на оваа делница изнесува 60 милион денари, по што ќе продолжи и реализацијата на втората фаза од превојот на Галичица до приклучувањето на патниот правец Охрид – Свети Наум во должина од 15 километри за што се предвидени уште 60 милиони денари.

 

 

„Денеска сме присутни на овој регионален пат кој води од Преспа преку Галицича до Охрид, а кој претставува една туристичка атракција за сите домашни и странски туристи кои поминуваат низ овој Преспанско-охридски Регион. Веруваме дека со оваа инвестиција ќе привлечеме нови странски и домашни туристи кои ќе ги посетат овие прекрасни пејсажи и туристички понуди што ги нуди нашата земја и овој регион“, истакна министерот Бочварски.

 

 

Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски потсети дека овој патен правец, кој се обновува после повеќе од 50 години и дека неговата ревитализацијата е од огромно значење за Преспанскиот Регион и е причина плус, туристите да ја посетат Преспа и националниот парк „Галичица“ и преку целата година да уживаат во недопрената природа.