„СТАВИ ПОЈАС“ – Кампања на МВР и РСБСП

Сподели

 

Зголемениот број на контроли од страна на сообраќајната полиција и континуираните  превентивни активности кои ги реализираат МВР и РСБСП во изминатиот период даваат резултат. Во 2020 година, на патиштата во Република Северна Македонија 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди а 5494 лица се повредени. Согласно наведеното, во 2020 година,  најмал број на лица настрадале во сообраќајни незгоди во однос на сите претходни години. Во првите два месеци од 2021 година, статистичките податоци, исто така   покажуваат  тренд на подобрување на безбедноста на патниот сообраќај.Целта на МВР и РСБСП е  да продолжи позитивниот тренд  на  подобрување на безбедноста на патниот сообраќај и согласно тоа, МВР и РСБСП денес започнуваат со реализација  на кампања под мотото „Стави појас“.

 

 

Кампањата ќе опфати голем број на превентивно едукативни активности кои ќе се реализираат на територијата на цела држава во период од неколку месеци, потоа интензивни медиумски активности и секако засилени сообраќајни контроли за користење на појас од страна на возачите и патниците.

Проценките  покажуваат дека голем дел од  возачите  не користат сигурносен појас. Состојбата е уште по неповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека  бројот на патници на задното седиште кои користат појас е приближно еднаков на нула.  За споредба,  стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90%, а на задните седишта од 60% – 70%.

 

 

МВР и РСБСП потенцираат дека: „ Користењето на сигурносните појаси е законска обврска како за возачите така и за патниците на предните и задните седишта. Возачите и патниците треба да знаат дека користењето на сигурносниот појас е наменето пред се за нивна лична безбедност и тоа е  суштинско за тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.  Законот предвидува казни за возачите и патниците кои не користат појаси,  но нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди во кои учесниците не  користеле појас.  

Обврската за користење на сигурносен појас е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено  место. Не користењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето кое не користи појас без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште.Кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас.

Согласно наведеното, МВР и РСБСП  апелираат до возачите и патниците да ги почитуваат законските обврски и секогаш и секаде, дури и на најкратките патувања,  задолжително да  стават појас,  затоа што така е посигурно и побезбедно!

#СТАВИПОЈАС!