Стоилковски: Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели

Сподели

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели. Од една страна се вршат незаконски притисоци врз набљудувачи, а од друга страна се замижува и не се реагира пред јавно агитирање или организирано носење на избирачи на гласачките места.

Во Чешиново Облешево без никаква причина приведени се двајца набљудувачи на ВМРО-ДПМНЕ и тоа еден претседател на Општинскиот комитет како и еден поранешен кандидат за пратеник од оваа партија. Ова е класичен политички притисок и застрашување кое што ќе биде пријавено и до меѓународните набљудувачи.

Од друга страна, од повеќе избирачки места низ земјава стигнуваат информации за недозволено агитирање, делење поткуп и организирано носење на гласачи. Вакви сомнителни појави засега се забележани во Шуто Оризари, во Прилеп, во Градско и во Ново Село. Загрижувачки е тоа што дел од овие дејствија се случуваат пред очите на службени лица кои воопшто не постапуваат, оставајќи впечаток дека се дел од организирано сценарио.

Тука ќе додадам и нарушување на демократскиот амбиент на денот на гласање со закани и заплашувања кои се прават врз медиуми кои што не се под диктат на власта. Најостро ги осудуваме овие делувања и бараме од МВР да преземе соодветни дејства.

Почитувани, фер и демократски избори се вредност без која што нема европска иднина. Овие и за сите други обиди на власта за притисок и репресија спротивни на демократските процеси на изборен ден се евидентираат и за тоа ќе бидат известени сите меѓународни институции.

Почитувани, ниедна манипулација, репресија, закана и уцена нема да го спречи народот кој што тргна против оваа власт и нејзиниот марионетски кандидат. Потребата од Правда и рушење на неправдите е тоа што го води народот на овие избори и се знае кој е победник и следен претседател на Република Македонија.