Основниот кривичен суд во Скопје го прогласи за виновен Стојанче Јовановски и му изрече единствена казна затвор од 12 години за трите кривични дела за кои беше обвинет во случајот поврзан со смртта на неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Јовановски беше обвинет за телесни повреди сторени како продолжено дело во рамки на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство. Судот го прогласи за виновен за сите три дела и му изрече поединечни казни, кои во единствена затворска казна се споени во 12 години затвор.
Пресудата е донесена согласно правилата за одмерување казна кога постои стек на повеќе кривични дела.
„Во конкретниот случај вкупниот збир на казните за сите три дела е 13 години, а како единствената мора да биде поголема од секоја одделна казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, утврдена му е единствена казна затвор во траење од 12 години. За секое од делата биле изречени максимални казни, пет години затвор за телесни повреди при семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години за наведување и помагање во самоубиство.“, наведуваат од Кривичниот суд.


