Мицкоски: Стратегијата за демографска отпорност 2026-2046 е национална рамка за иднината на државата

Сподели:

Ова не е само уште една конференција. Ова е разговор за иднината на нашите народи. Разговор за тоа дали ќе создадеме општества во кои младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено и сигурно, изјави премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА.

Подолго време, многу држави, па и нашиот регион, на демографските промени гледаа исклучиво низ призма на бројки. Но, суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот. Во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава. Во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина. Затоа денес мора искрено да признаеме дека најголемиот предизвик не е само демографската промена, туку јазот во демографската отпорност. Тоа е неспособноста на системите навреме да ги препознаат промените и да се адаптираат со мудри, инклузивни и долгорочни политики.

Тој јаз се чувствува низ целиот регион на Источна Европа, генерално Европа, би рекол, и Централна Азија. Некои држави се соочуваат со огромен раст на младо население и потреба од нови можности. Други пак, се соочуваат со стареење на населението, намалување на работоспособната популација и сериозен одлив на човечки капитал.

Свесни сме дека нискиот наталитет, иселувањето и одливот на млади и образовани луѓе се прашања што не можат да се решат преку ноќ. Но, исто така сме свесни дека државата не смее да стои настрана и пасивно да ги набљудува процесите. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата.

Нашата визија е да изградиме држава во која млад човек ќе има причина да остане. Во која семејствата ќе имаат сигурност. Во која жените ќе имаат еднакви можности. Во која стареењето нема да значи изолација, туку достоинствен и активен живот. Патот до таа цел бара ангажман на целото општество и координиран пристап на целата Влада.

Прво, мора силно да инвестираме во човечкиот капитал. Второ, мора да ги зајакнеме семејствата и младите. Трето, мора да создадеме вистински инклузивни општества. И четврто, мора да ја трансформираме миграцијата од загуба во можност. Нашата дијаспора е огромен потенцијал. Таа носи знаење, искуство, капитал и меѓународни врски. Наша задача е да создадеме услови тие луѓе повторно да ја видат татковината како место за живот, инвестиции и иднина. Наместо „одлив на мозоци“, мора да создадеме „прилив на знаење, идеи и искуство“.

Предизвиците со кои се соочуваме не завршуваат на националните граници. Демографските промени се европско и глобално прашање. И затоа оваа конференција има исклучително значење.

Присуството на претставници од повеќе од 25 земји покажува дека постои свест дека никој не може сам да ги решава овие процеси. Потребна е соработка. Потребна е размена на знаење. Потребни се заеднички принципи и заедничка визија.

Денес имаме можност да испратиме важна порака — дека демографските промени не мора да значат слабеење на општествата. Ако постои визија, политичка волја и партнерство, тие можат да станат двигател за нов развој, поголема социјална кохезија и поодржлива иднина.

Верувам дека оваа конференција ќе донесе конкретни идеи, нови партнерства и силна политичка определба за ставање на човекот во центарот на секоја демографска политика, изјави премиерот Мицкоски на Регионалната министерска конференција.

Сподели: