Вести Изјави Македонија

Стојаноски: ЈО да отвори постапка за надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10 Д

Сподели:

 

Продолжуваат да испливуваат на површина голем број нерегуларности и недоследности со надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10д. Ковачевски и Груби успеаја да компромитираат огромен проект за изградба на патни коридори.

Според најновите информации кои ги објавија медиумите Електра Солушнс преку која ќе поминат најмногу пари од договорот за надзор, 8.3 милиони евра, има само 4 свои вработени ангажирани на проектот и тие 4 ги вработила на 20.10.2022 година, т.е. откако ја добиле лиценцата за надзор, обвинува Бојан Стојановски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Се поставува прашањето како тогаш Електра Солушн ги исполнила условите за издавање на лиценца за надзор, и дали само времено вработила лица за да добие лиценца, а потоа истите тие лица не ги ангажира на проектот?

Дополнително симптоматично е што на фирмите членки на Конзорциумот им фалат клучни документи во договорот за надзор за 23 експерти, за кои нема доказ дека работат или се ангажирани од една од фирмите.

За сите овие лица Електра Солушн, Евро Консалтинг, ИРД и ЕПТИСА ќе наплатат огромни суми на пари, кои се неколкукратно повеќе од сумите кои се наплаќани за надзор на други проекти.

Имено според податоците кои се објавени може да се забележи дека главен надзорен инженер за автопатот Скопје – Блаце е буџетиран на 2.900 евра месечно, а за надзорот на Коридорите 8 и 10д за истата позиција се предвидени седум пати повеќе, односно 20.000 евра месечно.

Услугата за еден геометар на надзорот на автопатот Скопје – Блаце чини 1.300 евра месечно, а за надзорот над Коридорите 8 и 10д е 5.600 евра месечно.
Надзорен инженер за животна средина за надзор на автопатот Кичево – Охрид е тарифиран 5.450 евра месечно, додека за Коридорите 8 и 10д 9.000 евра.

Мора да напоменеме дека парите кои се предвидени за одреден кадар не се слеваат кај работниците, туку кај фирмите, а тие исплаќаат дел од сумата на име плата или договор за дело, a остатокот останува за надзорот. Оттука се поставува логичното прашање, како надзор на автопати на други проекти е поевтин од 2 до 7 пати од надзорот на Коридорите 8 и 10д?

Имајќи ја во вид оваа пресметка јасно е зошто Електра Солушн вадела лиценца за надзор во сред јавен повик, пријавувала и одјавувала работници, и правела секакви шеми.

ЈО не смее да чека ниту ден повеќе и веднаш да отвори постапка за надзорот. Доволно е да си постават логично прашање, како е можна толкава дискрепанца во цените? Одговорот на истото ќе им ја даде насоката.

Сподели: