Вести Македонија Ударни вести

Стојанов: Со вакви бројки на новозаразени можно е повторно да се воведе карантин

 

Рестриктивните мерки кои ги воведовме на почетокот на епидемијата во март, можно е пак да бидат воведени, вели за „Мета.мк“ директорот на Центарот за јавно здравје, епидемиологот д-р Александар Стојанов. Ваквото сценарио би било резултат на високиот број на новозаразени лица на кое сведочиме изминатиов период.

– Можни се пак карантини и полициски часови. Ако ова продолжи вака, едноставно нема друго решение. Може и повторно да се затвораат градови ако има многу заболени, како што беше случајот со Дебар. Не знам кога би се вовеле вакви рестриктивни мерки, тоа ќе зависи од епидемиолошката слика. Проблем е што немаме доволно кревети за лекување и затоа ќе бидат потребни мерки – вели д-р Стојанов.

Тој додава дека исто така е можно распустот на учениците да започне во ноември и да трае до март идната година. Дури постои опција и целосно да се затворат училиштата, градинките, угостителските објекти и сите други објекти во кои има собирања, а можно е пак да биде одлучено да не се оди на работа.

– Ќе се вратиме назад – дециден е д-р Стојанов.

Тој потсетува дека не сме единствената држава во која се случува ова.

– Секаде се воведуваат мерки, некаде има пак карантини. Во Португалија, која живее од туризам, ги затворија кафеаните. Во Белгија исто така има поостри мерки – додава директорот.

Утре се состануваат членовите на Комисијата за заразни болести. Одлуките и предлозите од состанокот ќе ги достават до Владата која ќе треба да одлучи дали ќе ги прифати и примени.

Од почетокот на епидемијата, за прв пат вчера имавме највисок број новозаразени пациенти во текот на едно деноноќие – 445.

„Meта.мк“ вчера објави дека одобрени ни се 800.000 дози вакцини против ковид-19, кои се очекува да стасаат на крајот на годинава или на почетокот на следната. Како што најавија од Министерството за здравство, првата вакцина која ќе биде одобрена на пазарот, ќе биде подеднакво дистрибуирана меѓу сите земји членки кои аплицирале за истата преку „Ковакс“ системот.

meta.mk

Сподели: