Вести Македонија

„Студентски пленум“ бара средба со ректорот на УКИМ

Сподели:

studentski-plenum1

Oфицијално барање до ректорот на УКИМ за средба, во понеделник испрати „Студентскиот пленум“. Пленумците на овој состанок сакааат да дискутираат за постапката за избор на нов ректор, која според пленумот е закочена поради нелегитимноста на студентските претставници во раководните органи на универзитетот.

„Студентското организирање е многу значајна тема во земјата и соодветно треба да се адресира од сите засегнати страни во овој процес. Ректорот, во согласност со статутот на УКИМ, носи одговорност за законитоста и за статутарноста на сите одлуки во Универзитетот и со таа цел му се обраќаме“, стои на официјална фејсбук-страница на пленумот.

Студентите велат дека во изминатиот период повеќе студентски организации утврдија противправност на студентските претставници во ректорската управа и во универзитетскиот сенат. Мандатот на претседателот на СПУКМ, кој е член на ректорската управа, е истечен веќе втора година, а избори за претседател на СПУКМ последен пат се распишани во 2012 година.

„Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во сенатот која не е јавно обзнанета, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува изборот на ректор на Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ и спорен е целокупниот процес. На овој состанок би сакале да Ви ги презентираме сите наши наоди и видувања во врска со постапката за избор на ректор на УКИМ, а за изнаоѓање заедничко решение преку кое ќе се надмине проблемот со студентските места во раководните органи на универзитетот, без притоа да му се нанесе штета на универзитетот и на студентското организирање“, се вели во соопштението.

Од пленумот додаваат дека иако се свесни за краткиот рок за оваа средба, сепак го замолуваат ректорот да им излезе во пресрет и да се сретне со нив на 13 јуни.

„Го очекуваме Вашиот одговор на следнава адреса: inicijativanastudenti@gmail.com во кое било време кое во согласност со Вашите работни обврски е соодветно за одржување на состанокот“, пишува на фејсбук-страницата на „Студентски пленум“.

Сподели: