„Студентски пленум“ го блокира влезот пред Ректоратот на УКИМ

Сподели

plenum1

Претставници на „Студентски пленум“ во моментов го блокираат влезот на Ректоратот на УКИМ, каде за денеска во 10 часот е најавена седница на која би требало да се избира нов ректор, јавува „Нова ТВ“.

Студентите го блокираат влезот за сите вработени, бидејќи, како што тврдат, ректорот ќе се избира со 10 гласови на 10 студентски претставници кои не се легитимни.

Тие велат дека мандатот на претставниците од Студентскиот парламент е истечен одамна и е потребно прво да се изберат легитимни студентски претставници, а потоа да се избира и нов ректор.
Додека студентите го блокираат влезот, ректорот Велимир Стојковски и дел од вработените чекаат пред Ректоратот, а студентите велат дека немаат намера да се откажат од бојкотот.

Претходно, „Студентски пленум“ испрати отворено писмо до Универзитетскиот сенат, во кое ги повика сенаторите да ги одложат изборите за ректор најмалку до септември или октомври, за дотогаш да се изберат легитимни студентски претставници.

Новиот ректор ќе се избира меѓу универзитетските професори Ненад Новковски и Никола Јанкуловски, кои беа избрани во потесен круг, од шестмина кандидати.

„Студентски пленум“ го блокира влезот пред Ректоратот на УКИМ